Сезонско намалување на стоки и услуги, пресликано од Европа, кај нас ќе може да има само двапати годишно. Акција за еден или повеќе производи во продажни салони, продавници, маркети, ќе трае најмногу 30, а промоција 8 дена, вели новодонесениот Закон за заштита на правата на потрошувачите, со што ќе се сопре чистењето „ѓубре“ од магацините и рафтовите кога ќе им текне на трговците и ќе спречи нелојална конкуренција и профит.
Сезонско намалување продавниците ќе имаат: летно, во периодот помеѓу 25 август и 25 септември во тековната година, и зимско сезонско намалување во периодот помеѓу 25 декември од тековната и 25 јануари од наредната година. Почетокот на попустот ќе мора да се назначи со датум. Трикратно прелепување на „првичната превисока“ цена за да мислите како сте го начекале производот на трето, четврто намалување, не е дозволено.
Со новиот закон се предвидуваат и казни до 10.000 евра за нечесните, измамничките и агресивните трговски практики со цел да се спречи и нелојалната конкуренција и профитерство на грбот на потрошувачите.
Овој закон требаше да стави крај на трговските измами кон потрошувачите, продажба на стоки со истечен рок, наводни попусти кои секојдневно ги гледаме по продавници.
И додека траат попустите производите можат да имаат залепено само две налепници со цена – највисоката и онаа на која се снижува.