Британската фунта денеска остро падна во однос на доларот, откако гувернерот на Банката на Англија (БОЕ) Ендрју Бејли навести за „поагресивно“ намалување на каматните стапки во иднина, доколку инфлацијата продолжи да паѓа.
Вредноста на британската фунта во однос на доларот падна за 1,17 отсто на 1,3112 долари во 13 часот, пишува Гардијан.
Пазарот ги прифати коментарите на Бејли како зелено светло за позначајно намалување на стапката, а неговите изјави го попречија закрепнувањето на фунтата, рече Кетлин Брукс, директорка за истражување во XTB.
Според извештаите, дневниот пад на фунтата во однос на доларот бил најголем во последните 20 месеци. Банката на Англија (БОЕ) на 19 септември одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на пет проценти, во согласност со очекувањата на пазарот.
Комитетот за монетарна политика (КМП) ја донесе оваа одлука со јасно мнозинство, со осум гласа за и еден против, бидејќи еден член гласаше за намалување на каматната стапка за 25 базични поени.
Годишната стапка на инфлација во Велика Британија во август изнесуваше 2,2 отсто, објави британската канцеларија за национална статистика (ONS), што и натаму е над посакуваните два отсто. Банката предвидува дека годишната стапка на инфлација во Велика Британија на крајот на 2024 година ќе биде 2,5 отсто, а тамошната економија ќе расте со стапка од 0,3 отсто на квартална основа.