Потпишан договорот за изградба на гасоводниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција

Денес, во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, свечено беше потпишан договорот за изградба на македонскиот дел од гасоводниот интерконектор Северна Македонија – Грција, проект од стратешко значење за енергетската иднина на земјата и регионот.

На официјалната церемонија на потпишување присуствуваа и претставници на стратешкиот партнер од грчка страна – ДЕСФА, како и претставници на главните меѓународни финансиери на проектот – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ). Настанот беше дополнително поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Стопанска банка АД Скопје, како и членови на Управниот одбор на НОМАГАС АД Скопје, што уште еднаш ја потврди важноста и широката поддршка што овој проект ја ужива од домашните и меѓународните партнери.

Интерконекторот, во должина од 68 километри на територијата на Северна Македонија, ќе овозможи транспорт на природен гас и водород, придонесувајќи кон енергетска безбедност, намалување на загадувањето и забрзување на транзицијата кон зелени извори на енергија.

Во своето обраќање, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна:

„Со потпишувањето на договорот за изградба на македонскиот дел од гасниот интерконектор со Грција, го означуваме почетокот на најголемата енергетска инвестиција во Северна Македонија во изминатите десет години. Овој интерконектор е доказ дека кога постои политичка волја, регионална доверба и професионална посветеност – резултатите се реални и опипливи.“

Проектот, чија проценета вредност изнесува над 5,1 милијарди денари, ќе се реализира со поддршка од Европската унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку грантови, техничка помош и поволни заеми.

Извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, г. Мухамет Елмази, изјави:

„Ова е историски проект што не само што го поврзува нашиот енергетски систем со Грција, туку ни овозможува пристап до европските пазари на енергија. Благодарност до сите партнери за довербата и соработката.“

Гасоводот ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за проширување до 3 милијарди. Очекуваното времетраење на изградбата е 22 месеци, а интерконекторот се предвидува да биде оперативен во 2027 година. Изведбата ќе ја реализира домашната компанија „Рапид Билд ДОО“, а трасата за изградба ќе биде предадена веднаш по потпишувањето на договорот.

Во своето обраќање, директорот на изведувачката компанија Рапид Билд ДОО, г. Тони Каранфиловски, нагласи дека компанијата е целосно подготвена за реализација на овој капитален инфраструктурен проект:

„Рапид Билд е екипирана со стручен кадар и располага со целосна техничка опременост неопходна за навремена и квалитетна изведба. Нашето досегашно искуство вклучува успешно реализирани проекти и надвор од границите на земјата, што е потврда за нашата сериозност, професионалност и способност да ги испочитуваме сите поставени рокови и стандарди,“ изјави Каранфиловски.

Проектот претставува конкретен чекор напред во правец на исполнување на стандардите на ЕУ за енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Интерконекторот ќе придонесе и за значително намалување на загадувањето, особено во општините каде и денес се користат дрва и мазут за греење, со што ќе се подобри квалитетот на воздухот и ќе се намали емисијата на CO₂.

Можеби ќе ве интересира...

Колку чинат девизите денеска – Курсна листа за 19 февруари 2025

BiznisPRO

Пораснал бројот на магистри и специјалисти

BiznisPRO

Народната банка ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации – Натамошно забавување на инфлацијата, при што на среден рок ќе се врати кон историскиот просек од 2%

BiznisPRO