4iG летово очекува лиценца за трет мобилен оператор – македонските граѓани од крајот на 2026 ќе можат да ги користат нивните услуги

Доколку ја добие лиценцата за фреквенција, македонските граѓани до крајот на 2026 година веќе ќе можат да ги користат услугите на потенцијалниот трет мобилен оператор 4iG, а зголемената конкуренција ќе донесе и пониски цени, соопштија од групацијата.

Пал Заранди, директор за стратегии, мобилни и 5Г на 4iG изјави дека веќе неколку месеци работат на подготовки и на воспоставување почетни партнерства на пазарот.
„Кога ќе ја добиеме лиценцата, ќе преминеме на интензивни инвестиции и подготовки за комерцијално лансирање“, изјави Заранди.

Унгарската групација 4iG засега е лидер на пазарот во Албанија, а активно работи и во Црна Гора. Има приходи од 1,8 милијарди евра и над 10 милиони корисници. Главната предност на 4iG, вели Заранди, е тоа што не е само телекомуникациска, туку е и ИТ ориентирана компанија, па може да ги прошири услугите на македонскиот пазар.

„Ќе донесеме нова конкуренција што ќе го стимулира дигиталниот екосистем. Ќе воспоставиме напредна 5G мрежа со голем капацитет. Тоа ќе придонесе за поголема конкуренција на мобилниот пазар, но и во доменот на фиксниот интернет, бидејќи 5G веќе може да се користи и како алтернатива за домашен интернет. Наш фокус ќе биде мобилната телекомуникација, но имаме и други области во кои се надеваме дека ќе бидеме активни и ќе поттикнеме раст и иновација“, додава Заранди.

Компанијата „Оне Македонија Телекомуникации“, основана од унгарската групација 4iG веќе поднесе писмо со намери за влез на македонскиот пазар и очекува дека најдоцна до крајот на летото ќе ги добие потребните лиценци за фреквенција.

Прелиминарната фаза во која компаниите доставуваа писма за покажување интерес за трет оператор на пазарот на мрежна мобилна телефонија во Македонија заврши пред неколку дена, а зависно од тоа дали има пријавени и други компании, ќе се знае и дали ќе биде распишан тендер со јавно наддавање.

Можеби ќе ве интересира...

Бруто-домашниот производ порасна за 3.1% во првото тримесечје од 2026 година во однос на првото тримесечје од 2025 година

BiznisPRO

САМИТ НА МАКЕДОНИЈА 2025: Неопходен е консензус на патот до просперитет и една визија за забрзан раст

BiznisPRO

Дали во среда треба да се посети менувачница? – Курсна листа за 31 јули 2024

BiznisPRO