Програмата Green & Growth на ЕБОР достапна во нашата земја

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја проширува поддршката за зелено финансирање во Северна Македонија преку лансирање на Програмата Green and Growth – G&G во партнерство со Шпаркасе банка и НЛБ банка.

Ова е вториот пилот продукт за финансиските институција во земјата, поддржан во изминативе две години, кој следи по успешната имплементација на Програма за зелено финансирање (Green Financing Facility-GFF), развиен преку поддршка на Програмата за развој на Обединетите Нации и Владата на Северна Македонија.

Двете партнерски банки се приклучуваат на оваа иновативна програма под  Инвестицискиот план за забрзување на транзицијата од јаглен (Accelerating Coal Transition (ACT) Investment Plan), поддржан од Климатските инвестициски фондови (Climate Investment Funds-CIF). И двете банки имаат докажана пракса на промовирање на одржливо финансирање и еколошка одговорност во финансискиот сектор.

Преку Програмата Green&Growth, ќе се обезбедат наменски кредити на локалните компании независно од нивната големина, во Пелагонија и југо-западниот регион, кои се најмногу погодени од претстојните планови за напуштање на користењето на јагленот како енергенс. Ентитетите кои се квалификуваат за поддршка, ќе бидат вклучени во инвестиции на зелени технологии, подобрување на енергетската ефикасност, како и проширување на постоечките и отварање на нови капацитети во регионите каде што е планирана поддршката.

Потпишувањето на договорите за кредит беше главен момент на дводневниот настан кој се одржа во Скопје на 2 и 3 јуни 2025 година, а беше организиран од Климатските инвестициски фондови и ЕБОР. На истиот беа присутни клучните чинители од Владата на Северна Македонија, меѓународните финансиски институции, донаторите, и претставници од граѓанскиот сектор, кои ги поддржуваат амбициозните планови на земјата во насока на праведна и инклузивна транзиција на енергијата.

Северна Македонија има зацртано храбри климатски цели во зајакнатите Национално утврдени придонеси (Nationally Determined Contributions – NDC),  во насока на намалување на емисиите на стакленичките гасови за 52%, или архива на нето 82% намалување до 2030 година, во споредба до 1990 година. Во правец на оваа посветеност и вклопување во меѓународната климатска рамка, земјата работи кон целосно исклучување на користењето на јаглен пред 2030 година, истовремено обезбедувајќи енергетска безбедност и социјална еднаквост во самиот процес на транзицијата.

Како една од шесте пилот земји селектирани преку Инвестицискиот план за забрзување на транзицијата од јаглен, поддржан од Климатските инвестициски фондови и прва во регионот на Западен Балкан, Северна Македонија доби инвестициски пакет во износ од ЕУР 85 милиони. Програмата се фокусира на интегриран пристап кон транзиција од јагленот, преку вклучување на реформи во управувањето, мерки за праведна транзиција на ниво на заедниците, и трансформација на инфраструктурата. Програмата Green&Growth, управувана од ЕБОР е една од клучните проекти во рамки на овој инвестициски план.

Александра Вукосављевиќ, Директор на тимот Финансиски институции за  Западен Балкан и Источна Европа, ЕБОР изјави: ,,Потпишувањето на овиe договори претставува значаен чекор на земјата кон одржлива и енергетски ефикасна иднина. Преку приклучување на Програмата Green&Growth, Шпаркасе и НЛБ Банка, не само што го прошируваат пристапот до зелено финансирање, туку покажуваат посветеност за поддршка на амбициозните климатски цели на земјата. Ова партнерство ќе игра круцијална улога  локалните компании да ги прифатат иновативните технологии и да придонесат во праведна и инклузивна енергетска транзиција.ˮ

Нина Недановска, Заменик Претседател на Управниот Одбор на Шпаркасе банка, изјави: ,, Ова партнерство со ЕБОР е стратешки деловен стремеж и ја искажува нашата визија и одговорност кон иднината на нашата земја и регионот. Преку оваа кредитна линија, Шпаркасе банка ќе инвестира во зелена транзиција, деловен раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Како лидер во зелено финансирање, долги години вложуваме напор за поддршка на транзицијата кон зелена и одржлива економија, како и развој на регионалните заедници. Уверена сум дека и оваа иницијатива, како и претходните, ќе придонесе кон позитивни и долгорочни измени, и дека заедно ќе изградиме иновативна и одржлива економија на иднината.”

Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка изјави: „Среќни сме што со ЕБОР ги делиме истите вредности и визија за одржлива иднина. Нашето стратешко партнерство во Green & Growth ќе обезбеди суштинско финансирање за поддршка на зелената транзиција на корпоративниот сектор во Пелагонија и Југо-западниот регион. Оваа иницијатива не е само финансиски потфат, туку јасен израз на една долгорочна визија. Ние во НЛБ веруваме дека одржливото финансирање е камен-темелник на отпорна економија и здраво општество и дека изборите што ги правиме денес ќе го обликуваат светот што нашите деца утре ќе го наследат.“

ЕБОР има инвестирано повеќе од ЕУР 2.9 милијарди во 198 проекти во Северна Македонија, од почетокот на работењето во земјата.

Можеби ќе ве интересира...

Фич рејтинг го потврди долгорочниот рејтинг на Данска во странска валута на „ААА“ со стабилна перспектива

BiznisPRO

Фич: Курсот на денарот и банкарскиот сектор остануваат стабилни

BiznisPRO

Колку чинат девизите денеска? – Курсна листа за 12 март

BiznisPRO