Кој треба да пријави приход од странство?
Управата за јавни приходи ги информира физичките лица – резиденти на Република Северна Македонија кои остваруваат доход од странство кој подлежи на оданочување согласно одредбите од Законот за данокот на личен доход (ЗДЛД), дека имаат обврска истиот да го пријават преку системот е-Даночни услуги на Управата за јавни приходи со поднесување на аконтативна пресметка (е-ПДД) до 10-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец.
Кој се смета за макeдонски резидент за даночни цели?
Согласно одредбите од ЗДЛД, резидент за даночни цели е физичко лице кое има:
постојано живеалиште во Република Северна Македонија, или
престојувалиште во Република Северна Македонија, при што се смета дека лицето има престојувалиште доколку престојува во земјата, непрекинато или со прекини, повеќе од 183 дена во кој било дванаесет месечен период.
Даночниот резидент е даночен обврзник на данокот на личен доход за доходот кој го остварува во земјата и странство, додека даночниот нерезидент е даночен обврзник за доходот што го остварува на територијата на Република Северна Македонија.
Резидентниот статус на граѓаните на Република Северна Македонија
Граѓаните кои имаат постојано живеалиште во земјата се сметаат за резиденти за даночни цели согласно одредбите од ЗДЛД.
Резидентниот статус на граѓаните упатени на привремена работа во странство во земја со која Македонија има применлив договор за одбегнување на двојното оданочување, се одредува имајќи ги во предвид и одредбите од односниот договор.
Доколку за време на привремената работа во овие земји, центарот на нивните витални интереси (лични интереси: поблиската фамилија и пријатели, социјалните односи, како и економски интереси: активни сметки во македонски банки, активен договор за вработување со македонска компанија која го упатила на работа во странство) се наоѓа во Република Северна Македонија, истите ќе се третираат за наши даночни резиденти. Во спротивен случај, односно доколку центарот на витални интереси се наоѓа во земјата во која се упатени (на пример нивната поблиска фамилија, брачен другар и деца, или партнер, престојуваат со нив во странство), тогаш истите нема да се третираат за наши даночни резиденти. Резидентниот статус во другата држава се потврдува со уверение (или друг сличен документ) за даночен резидент издадена од надлежниот даночен орган на другата држава.
Резидентниот статус на граѓаните упатени на работа во земја со која немаме применлив договор за одбегнување на двојното оданочување, се одредува согласно ЗДЛД. Доколку за време на работата во странство истите го имаат задржано постојано живеалиште во земјата се сметаат за наши даночни резиденти.
Резидентниот статус на странски физички лица
Странските физички лица чиј престој во земјата надминува 183 дена во дванаесетмесечен период се сметаат за даночни резиденти согласно одредбите од ЗДЛД.
Резидентниот статус на странските физички лица кои доаѓаат од земја со која имаме применлив договор за одбегнување на двојното оданочување, се определува земајќи ги во предвид одредбите од односниот договор.
Доколку за време на нивниот престој во земјава, центарот на нивните витални интереси (лични интереси: поблиската фамилија, односно брачен другар или партнер, и деца, како и економски интереси: активни сметки во македонски банки, активен договор за вработување со македонска компанија) се наоѓа во Република Северна Македонија, истите ќе се третираат за наши даночни резиденти. Во спротивен случај, односно доколку центарот на витални интереси се наоѓа во земјата од која доаѓаат (на пример нивната поблиска фамилија, брачен другар или партнер, и деца остануваа во другата земја), тогаш истите нема да се третираат за наши даночни резиденти.
Список на држави со кои се склучени договори и дополнителни информации се достапни на
http://www.ujp.gov.mk/mk/regulativa/pregled/tr/md
Кој приход од странство треба да се пријави?
Обврската за пријавување на доходот се однесува на сите физички лица кои оствариле приливи од странство по основ на:
доход од работа (плата, хонорари, интелектуални услуги, фриленс),
доход од закуп (вклучително и преку платформи како Airbnb и Booking.com),
капитални добивки (продажба на имот, криптовалути, хартии од вредност и др.),
доход од капитал (дивиденди, камати, други финансиски приходи),
авторски права,
добивки од игри на среќа,
и друг вид доход.
Кои приливи од странство немате обврска да ги пријавите?
Приливи од странство кои не подлежат на оданочување претставуваат приливите добиени по основ на подарок, семејна поддршка, позајмица или трансфери преку Western Union, Ria, Moneygram и слични сервиси.
Како се пополнува пресметката?
Пресметката се пополнува со внесување на податоци за видот и подвидот на доходот како и податоци за износот на остварен доход, валутата во која истиот е остварен, датумот на остварување, а системот автоматски врши конверзија во денари на износот во странска валута по среден курс на Народната банка на РСМ на денот на остварување на доходот. Пресметката ја разгледува и одобрува службено лице од Управата за јавни приходи.
Кон пресметката задолжително се прикачуваат докази (потврда од исплатувачот, извод од банка, договор за извршени услуги и други документи) со кои се потврдува остварениот доход од странство.
За повеќе информации во врска со пополнувањето на пресметката може го погледнете следното видео https://youtu.be/9P7RjC-Zjc8
Специфичности за доходот од плата или пензија од странство
Доходот остварен во странство по основ на плата и пензија на кој е платен данок во странската држава се пријавува со поднесување на аконтативна пресметка (е-ППД) најдоцна до 31 март во годината што следи по годината во која е остварен доходот при што, покрај доказите за износот на остварен доход се доставува доказ за платениот данок издаден од надлежниот органот за јавни приходи на странската држава.
Плаќање на данокот
Уплатата на утврдениот износ на данок на личен доход од одобрените пресметки се врши најдоцна до 15-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец. Плаќањето се врши исклучиво врз основа на налог со фолио број генериран од страна на Управата врз основа на одобрената пресметка.
Што ако веќе сте платиле данок во странство?
Доколку на доходот остварен од странство имате платено данок во другата држава, тогаш како македонски даночен резидент имате обврска да го пријавите доходот остварен од странство преку поднесување на електронска пресметка (е-ПДД), во наведените рокови во ЗДЛД.
За износот на платен данок во странство може да ви се намали пресметаниот данок во земјата најмногу до износот на данокот кој би се добил со примена на законската стапка од 10%. За остварување на ова право задолжително како прилог кон пресметката треба да се достави доказ за платениот данок во странство од надлежниот даночен орган во странство во вид на Уверение или друга потврда за платен данок. Во случај данокот платен во странство да е во износ помал од 10%, ќе имате обврска да ја доплатите разликата на данокот до 10% во земјата, додека пак доколку данокот во странство надминува износ од 10%, тогаш нема да имате обврска за доплата на данок.
Во случај во периодот кога го имате остварено доходот од странство не сте се сметале за Македонски даночен резидент, односно сте се сметале за даночен резидент на земјата од која го имате остварено доходот, тогаш немате обврска да го пријавите доходот остварен од странство. За потврда на Вашиот резидентен статус треба да имате обезбедено соодветен документ од надлежниот даночен орган на странската држава во вид на уверение/потврда за даночен резидент.
Помош и поддршка
Управата за јавни приходи апелира до сите физички лица кои примиле прилив од странство да ја проверат својата обврска и доколку е потребно, навремено да поднесат е-ППД и да ја извршат уплатата на данокот, со цел почитување на законските прописи и избегнување на евентуални прекршочни или даночни постапки.
Во изминатиот период, Управата за јавни приходи започна проверки на податоците што ги добива од банките за приливите од странство на граѓаните. Во даночните канцеларии се повикуваат лица кои примиле пари од странство во изминатите години, а за кои нема податоци дека го пријавиле и платиле данокот. Целта е граѓаните да добијат појаснување и насоки како правилно да го пријават доходот и да ја исполнат својата обврска. Доколку тоа не се направи доброволно, УЈП ќе ја искористи својата законска надлежност и службено ќе го утврди данокот.
За таа цел ги повикуваме физичките лица кои имаат остварено доход од странство по основ на работа и друг доход кој подлежи на оданочување, а кои сè уште немаат поднесено е-ППД пресметка до Управата за јавни приходи, истото да го сторат во најкраток можен рок.
Информации во врска со начинот на пријавување на остварен доход од странство и видовите на доход кој подлежат на оданочување согласно Закон за данок на личен доход може да погледнете тука
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на:
е-Пошта: info@ujp.gov.mk
Телефонски броеви:
Од фиксна линија: 0800 33 000
Од мобилен телефон: 02 3253 200
Или да се обратат во канцелариите на Управата за јавни приходи според местото на живеење.
Дополнително, ги упатуваме даночните обврзници да ги разгледаат и мислењата издадени од Управата за јавни приходи поврзани со примена на одредбите од Законот за данокот на личен доход кои може да се најдат тука.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
