Расте интересот за сметководството: ИСОС со нови иницијативи за младите

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) изминатиот период спроведе низа активности за подигнување на атрактивноста на сметководствената професија и нејзина промоција меѓу студентите и средношколците.
ИСОС го поддржа студентскиот проект кој беше инициран по Втората регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, за отпочнување на видео подкаст „Повеќе од само бројки – Сè што сте сакале да знаете за сметководствената професија“. Подкастот е воден од студенти, а во првата епизода, која се емитува денеска, гостинка е претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

„Особено задоволство ми претставува што младите и студентите се инспирираа на Втората регионална конференција која се одржа минатата година, а на која на една од панел-дискусиите учествуваа и студенти. Тие потоа пристапија до Институтот со идеја за иницирање на видео подкаст, со цел да се приближи сметководствената професија до студентите и младите. Ова е само една од активностите кои ги реализираме. Започнуваме и соработка со сите универзитети кои имаат катедри за сметководство и ревизија, како и стручните средни училишта кои имаа економски насоки. Посебно ме радува статистиката која ја добивме од катедрите за сметководство и ревизија дека се бележи зголемување на бројот на студенти на тие катедри, споредено со минатата година. Овој податок многу нè охрабрува и ни покажува дека се движиме во вистински правец, а дополнително ни дава мотивација за поддршка и иницирање на различни проекти на студентите и средношколците“, потенцира Прентоска.

ИСОС потпиша и меморандуми за соработка со средните училишта „Васил Антевски-Дрен“ и „Кочо Рацин“, со што за прв пат во активностите на Институтот се вклучуваат и средношколците кои учат на економските насоки. Меморандумите опфаќаат овозможување на практична работа, кариерно советување на средношколците и развој на заеднички проекти за унапредување на квалитетот на стручното образование.

Исто така, ИСОС потпиша Меморандум за соработка и со Меѓународниот Балкански Универзитет од Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кои се фокусирани на заеднички проекти за иновации и дигитализација, програми за обуки, како и практикантска работа на студентите.

Во рамки на меморандумот за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, претседателката на ИСОС Прентоска одржа и гостинско предавање на студентите од катедрата за сметководство и ревизија.

„Почестена сум што Универзитетот ме покани да одржам гостинско предавање и навистина е особено значаен интересот и ентузијазмот кај студентите за сметководствената професија. Немам сомнеж дека професијата ќе добие нови кадри кои во комбинација со учењето од искусните професионалци и вештините за технолошки развој ќе го унапредат квалитетот на професијата. Тоа, пак, директно ќе се одрази врз бизнис заедницата и државата, преку подигнување на стандардите и довербата во финансиското известување“, истакна Прентоска.
Институтот веќе има потпишано и меморандум за соработка и активно соработува со Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, како и со Американскиот Универзитет на Европа – ФОН. Во наредниот период активностите поврзани со промоција и вклучување на средношколците, студентите и младите професионалци ќе продолжат, со цел натамошно зголемување на атрактивноста на сметководствената професија.

Можеби ќе ве интересира...

Индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар, февруари 2026 година

BiznisPRO

Доаѓа исплата: Познато е кога пензионерите ќе ја добијат новата пензија која беше покачена за 2.500 денари од минатиот месец

BiznisPRO

Објавен е Јавен повик бр. 01/2025 за доставување на барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година

BiznisPRO