Влатко Сулев, претседател на НАИТМ: Туризмот не се развива спонтано и зошто дојдовните агенции се клучот за раст.

Колумна на Влатко Сулев, претседател на НАИТМ:

Во јавноста често се зборува за неискористениот потенцијал на туризмот во земјава. Секојдневно слушаме кометари од типот имаме природа, историја, гастрономија, автентични приказни, Но, дека потенцијалот сам по себе не носи и економски бенефит. Она што прави разлика се луѓето и компаниите кои што знаат како тој потенцијал да се претвори во реална економска вредност.
Токму тука доаѓа улогата и значењето на компаниите за дојдовен туризам.

Овие компании не се само посредници, туку пред се извозници на туристичка услуга. Тие ги носат странските туристи во земјава, кои потоа престојуваат во хотели, трошат во ресторани, користат локален транспорт, ангажираат водичи и купуваат домашни производи. Секој нивен договор со странски тур-оператор значи директен прилив на свеж капитал во македонската економија.
Ефектот не е линеарен, туку мултипликативен.

Еден турист не значи само една хотелска ноќ. Тој значи поддршка за мал бизнис, работа за локален водич, продажба за занаетчија, промет за угостител, па дури и развој на цели региони кои инаку би останале надвор од економските текови. Ова посебно доаѓа до израз кога станува збор за туристи со повисока куповна моќ и посети кои се распределени преку целата година.

Во тој контекст морам да истакнам дека е охрабрувачки тоа што имаме зголемување на бројот на авио линии. Подобрата поврзаност е предуслов, но не и гаранција за успех. Но, авио линиите сами по себе не носат туристи, тие само отвораат врата. Прашањето е: дали знаеме како да ги донесеме?

Тука државата има важна улога. Да соработува со приватните субкјекти во делот на промоција, и да придонесува и понатаму во подобрување на целокупната туристичка инфрастуктура.

Потребна е јасна, континуирана и професионална промоција на Македонија како туристичка дестинација која обезбедува автентично искуство, и тоа на клучните пазари. Вклучувањето на приватниот сектор во програмите за развој на туризмот за 2026 е чекор во вистинска насока, но тој треба да биде проследен со системска поддршка за агенциите кои реално го носат туристот во земјава.
Сепак, предизвиците не се само институционални. Глобалните туристички трендови се менуваат. Денешниот турист не бара само дестинација, туку искуство. Автентично, локално, персонализирано. Македонија има што да понуди: екотуризам, гастрономија, култура, планински авантури. Но, тие понуди често остануваат недоволно видливи и недоволно достапни.

Клучниот проблем е недоволната дигитализација на понудата. Во време кога одлуките за патување се носат онлајн, недозволиво е голем дел од туристичката понуда да не биде дигитално достапна, лесно пребарлива и едноставно резервирана. Без модерни системи за резервација, без активен дигитален маркетинг и без брза комуникација со клиентите, тешко можеме да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. Затоа, дигиталната трансформација не е избор, туку неопходност.

Во наредниот период, НАИТМ ќе работи токму на ова поле: поддршка на туристичките субјекти во воведување на дигитални алатки, зајакнување на нивната пазарна позиција и подобрување на нивната меѓународна видливост. Паралелно, ќе продолжиме со активности како FAM тури, настапи на меѓународни саеми и директно поврзување со тур-оператори и медиуми.

Особен фокус ќе биде ставен и на агротуризмот, сегмент кој нуди огромен потенцијал за развој на руралните средини и креирање на автентични туристички искуства.

Туризмот не се развива спонтано. Тој се гради со стратегија, партнерство и инвестиции. Ако сакаме туризмот да стане една од водечките економски гранки во Македонија, тогаш мора да ја препознаеме и поддржиме улогата на дојдовните туристички компании. Затоа што тие не се само дел од индустријата, тие се нејзиниот мотор.

Можеби ќе ве интересира...

Добра вест: Тргна исплатата на пензиите предвреме, еве која банка излезе со важно соопштение

BiznisPRO

Пензионерите се офајдија со покачување од 1000 денари на пензиите, но се незадоволни од ценовните шокови

BiznisPRO

Скопскиот Регион со најголем удел во БДП, Североисточниот со најмал

BiznisPRO