Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници дека крајниот рок за проверка и потврда на Годишната даночна пријава за 2025 година истекува на 31 мај 2026 година. Со оглед дека станува збор за неработен ден (недела), рокот за потврдување на годишната даночна пријава е 01 јуни 2026 година.
Ова значи дека граѓаните кои оствариле приходи во 2025 година треба најдоцна до 01 јуни 2026 година да извршат увид во своите даночни пријави преку системот „е-Даночни услуги“ и да ги потврдат, односно коригираат доколку има потреба.
По истекот на рокот, односно од 02 јуни 2026 година, сите непотврдени годишни даночни пријави ќе се сметаат за конечни, додека коригираните пријави ќе бидат предмет на одобрување од службено лице на Управата за јавни приходи.
Управата за јавни приходи во законски утврдениот рок го заврши генерирањето на Годишните даночни пријави (ДЛД-ГДП) за 2025 година. Генерирани се вкупно 862.896 даночни пријави, што е за 21.225 повеќе во споредба со минатата година, кога беа генерирани 841.671 пријава. Досега, од страна на даночните обврзници се потврдени 27.788 годишни даночни пријави.
Зошто е важно да ја проверите својата ДЛД-ГДП?
Врз основа на податоците од ДЛД-ГДП, Управата за јавни приходи издава уверенија за остварен доход и доставува податоци до други институции кои одлучуваат за остварување на права на граѓаните. Овие податоци може да бидат одлучувачки за остварување на Вашите права.
Дополнително, доколку во 2025 година сте оствариле доход повисок од 2.000.000 денари по основ на изнајмување деловен простор во земјата, давање менаџерски, правни, економски, инженерски или занаетчиски услуги, давање приватни часови на ученици и студенти, продажба на земјоделски производи или друг доход кој произлегува од континуирано вршење оданочив промет, потребно е да се регистрирате за цели на ДДВ, или Управата за јавни приходи може по службена должност да Ве регистрира како ДДВ обврзник врз основа на податоците од ДЛД-ГДП.
Кај обврзниците кај кои во ДЛД-ГДП е утврдена обврска за доплата на данок, по истекот на рокот за потврдување и коригирање, УЈП ќе генерира налог за доплата со фолио број, кој ќе биде содржан на третата страница од печатената даночна пријава (PDF документот).
Обврзниците кај кои е утврден повеќе платен данок имаат можност во самата пријава да поднесат барање за враќање на данокот.
Управата за јавни приходи апелира до даночните обврзници, пред истекот на рокот, да ги проверат своите годишни даночни пријави и, доколку податоците се точни, истите да ги потврдат, а доколку не се согласуваат со изнесените податоци, да ги коригираат.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации можат да се обратат на електронската адреса info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000 (само од фиксни оператори).
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
