Усвоен Кварталниот извештај: Најновите макроекономски движења главно се во согласност со проекциите на Народната банка

Советот на Народната банка го усвои Кварталниот извештај, според кој најновите макроекономски показатели главно се движат во согласност со априлските проекции. Во Извештајот се наведува дека надворешната позиција на земјава е стабилна, а девизните резерви се одржуваат на соодветното ниво за зачувување на стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото. Домашната инфлација очекувано забрза во вториот квартал, и натаму е на релативно повисоко ниво, при постепено забавување во текот на кварталот. Економската активност е отпорна на неизвесното надворешно окружување, а во рамките на банкарскиот сектор и натаму се бележи солиден раст на депозитите и кредитите.

Во вториот квартал од 2026 година, Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25%, во услови на продолжено времетраење на инфлацијата и висока неизвесност од надворешното окружување. Тековната монетарна поставеност заедно со досегашните измени кај останатите монетарни инструменти имаат за цел да придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс и за стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања. Во вториот квартал, просечната инфлација изнесуваше 4,6%, при постепено забавување во текот на кварталот сведувајќи се до 3,4% во јуни. Сепак, процесот на враќање кон историскиот просек е побавен, при нагласени ризици од геополитичките случувања, од движењата на цените на примарните производи на светските берзи и од домашните фактори што влијаат врз побарувачката. За 2026 година се очекува просечна инфлација од 4%, а за 2027 година 3%.

Во првиот квартал од 2026 година, економската активност забележа реален годишен раст од 3,1%, речиси во согласност со проекциите, главно поттикнат од домашната побарувачка. Показателите за вториот квартал упатуваат на можно забрзување на растот, а за целата 2026 година се очекува раст на БДП од 3,5%.

Надворешната позиција на земјата се оценува како стабилна. Во првиот квартал, тековната сметка забележа дефицит од 1,6% од БДП, што е подобрување на годишна основа, додека финансиската сметка оствари нето-приливи од 2,9% од БДП. Девизните резерви и натаму се во безбедната зона и на крајот на јуни изнесуваат 4.936,4 милиони евра. Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при сосема мали интервенции на Народната банка и на страната на продажбата, и на страната на откупот на девизи.

Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна активност и зајакнување на депозитната база на банките. Притоа, се бележат натамошни поволни движења во структурата на штедењето, со раст на денарските и на долгорочните депозити.

На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

Можеби ќе ве интересира...

Кога ќе тргне исплатата на парите од “Мој ДДВ”

BiznisPRO

Гувернерот Славески на симпозиумот на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина: Ценовната стабилност е главен предуслов за одржлив економски раст во услови на зголемена светска неизвесност

BiznisPRO

УЈП со важно известување до даночните обврзници

BiznisPRO