Божиновска на TechMech 2026: Зелената транзиција отвора нови можности за младите инженери

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Саемот за пракса и вработување TECHMECH 2026 на Машинскиот факултет, каде ги посети штандовите на компаниите и се запозна со можностите за пракса и вработување на младите инженери.

На панел-дискусијата посветена на зелената транзиција, Божиновска истакна дека обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и новите технологии се важни двигатели на индустрискиот развој и конкурентноста.

„Нашата цел не е само да произведуваме повеќе чиста енергија, туку да изградиме економија што ќе ја користи енергијата поефикасно, ќе создава поголема додадена вредност и квалитетни работни места“, нагласи министерката.

Таа ја потенцираше важноста од поврзувањето на образованието со стопанството преку практична работа, заеднички проекти и истражување, со цел младите да ги применат своите знаења и да ја градат професионалната иднина во државата.

„Младите инженери и претприемачи имаат потенцијал своите идеи да ги претворат во иновативни решенија што ќе придонесат за модернизација на индустријата и економскиот развој“, порача Божиновска.

Саемот TECHMECH 2026 овозможува директно поврзување на студентите со компаниите и отворање нови можности за професионален развој и вработување.

фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Можеби ќе ве интересира...

Понуда која не се пропушта – 50 отсто роденденски попуст на најдобрата сателитска телевизија mSAT TV од МТЕЛ

BiznisPRO

45 години Пекабеско се одбележуваат со донација на медицинска опрема за Детската клиника

BiznisPRO

Минимално поевтинување на горивата

BiznisPRO