LIfe

Витаминка ја отвори својата прва продавница во Прилеп – „Свет на вкусови“ на едно место

Витаминка ја отвори својата прва продавница во центарот на Прилеп, со што прави нов чекор во развојот на своето малопродажно присуство и во унапредувањето на непосредната поврзаност со потрошувачите. Во продажниот простор на булевар „Гоце Делчев“ бр. 28 е достапно целокупното портфолио на производи на компанијата.

Отворањето на продавницата во градот во кој компанијата ја започна и ја развива својата приказна има посебно значење. Прилеп добива ново продажно место што го носи препознатливиот идентитет на Витаминка, а компанијата создава дополнителен канал преку којшто својата понуда ја доближува до купувачите и стекнува непосреден увид во нивните потреби и навики.

Во продавницата „Vitaminka Store“ застапени се производи што се дел од секојдневието на повеќе генерации потрошувачи. Продажниот простор е можност за претставување на разновидноста на асортиманот, за откривање нови вкусови и за зајакнување на довербата што компанијата ја гради со децении.

Овој чекор доаѓа во годината во која Витаминка одбележува 70 години постоење и ја потврдува нејзината определба долгогодишното производствено искуство да го надградува со нови можности за развој. Сопственото продажно место ја поврзува традицијата на компанијата со современите очекувања на потрошувачите за достапност, избор и непосредно искуство со брендот.

фото Витаминка