Ангеловска-Бежоска: Инфлациските трендови во регионот и во земјата се позитивни, но потребна е претпазливост

Инфлациските трендови се позитивни. Инфлацијата во регионот на Централна и Источна Европа, како и во земјава, се намали на едноцифрени стапки, како резултат на водењето затегната монетарна политика од страна на централните банки и стабилизирање на светските цени на примарните производи. Исто така, инфлациските очекувања и натаму се релативно закотвени, како значаен фактор којшто влијае врз динамиката на инфлацијата. И покрај позитивните движења, централните банки треба будно да ги следат движењата, бидејќи сѐ уште има неизвесност и ризици, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во видеоинтервју за „Еуромани“.

„Во регионот на Централна и Источна Европа инфлацијата се сведе од 16% на 5%. Слична е ситуацијата и кај нас, каде што стапката на инфлација се намали на 3%, од највисокото ниво коешто достигна околу 20 отсто“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска. Таа истакнува дека последниот инфлациски шок не е од стандардна монетарна природа и дека многу фактори влијаеа, вклучително и нарушувањата во производството, трговијата, транспортот и цените на енергентите, коишто придонесоа за растот на инфлацијата. Сега се забележува стабилизација на овие фактори, што има позитивни ефекти врз инфлацијата.

Ангеловска-Бежоска посочува и дека и покрај затегнувањето на монетарната политика од страна на централните банки, финансискиот сектор е стабилен, што се должи на мерките преземени од страна на централните банки по Големата финансиска криза и стабилните биланси на банките со коишто влегоа во кризниот период. „Банките влегоа во оваа криза со релативно солидна позиција, со силни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, коишто главно беа изградени пред пандемијата и оттогаш се одржуваат“, вели Ангеловска-Бежоска во интервјуто за „Еуромани“.

Можеби ќе ве интересира...

Нов голем раст на просечната плата

BiznisPRO

По празниците УЈП ќе излезе со информација за компании од нафтениот сектор кои затајувале данок

BiznisPRO

К-15 стигна речиси 15.000 денари – Дали на вашите сметки беше исплатен?

BiznisPRO