Интервју за BiznisPRO со д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија и ЕОС Косово.
Неодамна ја промовиравте новата дигитална апликација „My EOS“, колку оваа алатка ќе придонесе за поголема финансиска дисциплина?
Подигнување на квалитетот на нашите услуги, информирање и пред сѐ едуцирање на нашите корисници, но и на пошироката јавност, се нашите врвни приоритети. Во таа насока посветено работиме на развој и имплементација на нови дигитални алатки и иновативни решенија кои не само што ќе го подигнат квалитетот на услугите, туку истовремено ќе отворат можност за развој. Минатата година работевме на развој на иновации, дигитални решенија и поголема примена на вештачката интелигенција. Преку апликацијата „My EOS“ корисниците добиваат брз пристап до нивните финансиски податоци, како што се проверка на износот на задолжувањата, статусот на документите, следење на плаќањата и реализација на нови трансакции. Притоа се работи за апликација која е едноставна за користење и потребен е само уред со интернет пристап и корисниците добиваат целосен увид врз своите финансии и можат полесно да ги организираат и да постигнат поголема ефикасност во управувањето и подмирувањето на своите долгови. Со воведувањето на апликацијата „My EOS“, ние продолжуваме со остварувањето на нашата основа цел – да ги промениме животите на луѓето на подобро, овозможувајќи им ефикасно управување со нивните финансии. Покрај тоа, сите наши активности се одвиваат согласно највисоките стандарди во финансиската индустрија. ЕОС Матрикс Македонија е единствена компанија во финансискиот сектор која го имплементираше меѓународниот стандард ISO 27701:2019 и работи согласно високите принципи на заштита и овозможува и проценка на ризиците и поголема контрола.
Вашите активности се насочени кон развој на секундарниот финансиски пазар, а како единствена специјализирана компанија во оваа област минатата година имавте значителни резултати. Има ли секундарниот финансиски пазар потенцијал?
Еос Матрикс е водечка компанија во секундарниот финансиски пазар на земјата. Иако овој пазар важи за исклучително комплексен, не само на домашниот пазар туку генерално, благодарение на нашата експертиза и примената на напредни технолошки алатки ние остваривме значителен успех, покажувајќи дека со вистински пристап и соработка можно е да очекуваме позитивен исход. Во последната финансиска година – 2023/24 ЕОS Матрикс инвестираше над 5 милиони евра во преземање на ваков вид на пласмани. Како членка на Групацијата ЕОС ние располагаме со финансиска експертиза која ја применивме и на македонскиот пазар, на тој начин креиравме нови можности во финансискиот сектор нудејќи иновативни финансиски инструменти. Развојот на секундарниот финансиски пазар не е значаен само за нашата компанија од бизнис аспект. Значењето е многу поголемо за општеството и за економскиот развој. Преку примена на креативни решенија ние придонесовме за подобрување на финансиската солвентност на македонските граѓани и компании, кон закрепнување на нарушените релации во должничко-доверителските односи и кон подигнување на конкурентноста на македонските компании. Во 2024 година успеавме да затвориме близу 3.000 случаи на задолжувања, а тоа значи дека сме помогнале на толку семејства да ја започнат годинава без долгови. Вкупниот број на затворени случаи надмина 30.000, со што компанијата ја потврдува значајната улога на пазарот. Покажавме дека и во финансискиот сектор е можен успех со примена на креативни решенија и тоа онаму каде што многумина не гледаат никаква можност. Секако во овој успех голем удел има експертизата и искуството од ЕОС Групацијата која е присутна на повеќе од 20 пазари и управува со портфолио на инвестиции од околу 510 милиони евра.
Во последно време сѐ почесто се зборува за потребата од поголема финансиска писменост кај младите. Дали сметате дека има простор за подигнување на овој сегмент од едукацијата кај младите?
Ова е многу значаен сегмент во општеството од повеќе аспекти и лично сметам дека треба многу повеќе да работиме на едукација во сегментот на финансиската писменост кај младите. Тоа не само што ќе го подигне нивото на знаење, туку ќе го промени и начинот на размислување и ќе поттикне одлуки кои ќе бидат базирани на издржани концепти. Финансиската едукација за млади преку која се создаваат навики за одговорно однесување со парите е една од клучните области на кои е фокусирана ЕОС Групацијата, а нашата компанија како дел од групацијата има големо искуство во овој домен. Така на пример, во рамките на проектот за финансиска писменост на ЕОС Групацијата досега беа опфатени над 87.000 ученици во 1.400 училишта во централна Европа. Токму како резултат на нашата голема експертиза и веќе разработен модел кој дава одлични резултати, ние работиме на создавање на услови за започнување на ваков проект и кај нас. За таа цел веќе иницираме соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и со други финансиски институции и се надевам дека набрзо ќе започнеме со реализација на заеднички активности. Сметам дека заедничките активности ќе дадат поголем ефект во општеството.
На почеток сме на 2025 година, кажете ни на што ќе бидете фокусирани годинава?
Сите наши активности ќе бидат фокусирани кон натамошен развој на секундарниот финансиски пазар, бидејќи сметаме дека потенцијалите сѐ уште не се докрај искористени. Со досегашните потези докажавме дека одредени побарувања можат да се стават во функција преку паметни финансиски модели и во таа насока ќе продолжиме. За да го постигнеме тоа годинава остануваме фокусирани на вложување во одржливи решенија и нови технологии. Наш приоритет останува одговорна наплата, финансиска одржливост, заедничкиот напредок на корисниците, клиентите и на нашите вработени. Остануваме фокусирани на натамошна имплементација на ЕCГ-стандардите во насока на одржлив развој. Највисока цел на ЕСГ концептот е преку системски промени да иницира иновации и развој на начин кој е праведен и кој ќе донесе просперитет. Затоа, исклучително важно во рамките на овој процес е да се зајакне соработката помеѓу сите чинители. Овој процес е многу важна тема и во земјите на Европската унија. За да го подигне процесот на имплементација на активности базирани на ЕСГ стандарди, ЕУ, во 2023 година усвои Директива за известување за корпоративна одржливост, која од компаниите во ЕУ и од земјите кои сѐ уште не се дел од унијата бара да поднесуваат годишни извештаи според европските стандарди за известување и одржливост (ESRS), а компаниите ќе треба да известуваат согласно овие стандарди веќе за 2024 година. Во таа насока се движи и домашното законодавство. Годинава се очекува ЕСГ-стандардите и известувањето за нив да бидат дел од новиот Закон за сметководство кој треба да биде донесен, па оваа област останува наш фокус и годинава.