Користење на обновливата енергија ќе се уредува со посебен закон – на јавна консултација до 30 август

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави Нацрт-законот за користење на енергијата од обновливи извори на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со што започна 30-дневниот период на јавна консултација со граѓаните, стручната јавност и сите релевантни чинители.

🔗 текстот на Нацрт-законот на ЕНЕР – https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=111834

Овој закон претставува стратешки чекор напред, со кој обновливите извори на енергија за првпат се уредуваат во посебен закон (Lex specialis), одвоен од останатите енергетски закони – по примерот на голем број земји од регионот и ЕУ. Причината е јасна: обновливите извори на енергија (ОИЕ) претставуваат сложена, но сè поважна и динамична област, со огромно влијание врз економијата, екологијата и енергетската независност.

Овој посебен закон е подготвен  согласно Владината програма за 2025 година и со цел да обезбеди јасна и комплексна регулатива која ќе ги уреди сите аспекти поврзани со обновливите извори на енергија (ОИЕ) — од поставување цели и мерки за поддршка, до конкретни механизми за финансиска стабилност и заштита на потрошувачите.

Во периодот од 28 октомври до 6 декември 2024, се одржаа 6 работни средби, по кои дополнително се продолжи  со усогласување на содржината со најновите европски регулативи,             Директивата (ЕУ) 2023/2413 на Европскиот парламент и на Советот од 18 октомври 2023 година за изменување на Директивата (ЕУ) 2018/2001, Регулативата (ЕУ) 2018/1999 и Директивата 98/70/ЕЗ во врска со промоцијата на енергија од обновливи извори и укинување на Директивата (ЕУ) 2015/652 на Советот, наречена RED III Директива, која ги поставува новите европски стандарди за обновливата енергија.

Законот е целосно усогласен со последните промени во европското енергетско право, пред сè со RED III Директивата, која ја регулира промоцијата и користењето на обновливите извори и е обврска за земјите-членки на Енергетската заедница.

Клучни елементи на Нацрт-законот:

  • Јасно дефинирани национални цели за зголемување на уделот на ОИЕ во бруто потрошувачката на енергија.
  • Воведување на нов финансиски механизам – „Договор за пазарно порамнување на разликата“ (Two-way contract for difference), кој гарантира стабилност и предвидливост на приходите за производителите на енергија од обновливи извори, а истовремено ги штити потрошувачите од екстремни ценовни флуктуации.
  • Законско регулирање на нето-мерењето (Net metering) и нето-пресметката (Net billing), кои овозможуваат поефикасно користење и пласирање на произведената електрична енергија од домаќинствата и бизнисите.
  • Поддршка за долгорочни инвестиции и забрзан развој на ОИЕ во секторите греење, ладење и транспорт.
  • Регионална соработка и интеграција на обновливите извори во енергетските пазари, со гаранции за потекло на енергијата.
  • Обврзници за одржливост и намалување на емисиите на стакленички гасови.
  • Појасни правила за создавање заедници за обновливи извори на енергија  -групи граѓани, компании, правни лица  здружени на доброволна основа и го стимулира колектривното локално производство и потрошувачка на енергија од обновливи извори, со цел обезбедување на  еколошки, економски или социјални интереси за заедницата  или за општината.

Со новиот закон, Министерството го поставува користењето на обновливи извори во срцето на националната енергетска политика, поврзувајќи економски развој, екологија, социјална правда и европска интеграција.

Меѓу најзначајните новини во законот е воведувањето на нов финансиски механизам на европско ниво – т.н. двонасочен договор за пазарно порамнување на разликата во цена (two-way contract for difference).

Овој механизам ќе обезбеди:

  • финансиска стабилност за инвеститорите,
  • ограничување на прекумерните добивки при високи цени,
  • гарантиран минимален надомест за производителите,
  • заштита на крајните потрошувачи од нестабилни пазарни цени.

ПОТПОЛНО УРЕДУВАЊЕ НА „NET METERING“ И „NET BILLING“

Со нацрт-законот првпат се регулираат и методите за управување со вишокот на произведена енергија:

  • Net metering – вишокот произведена енергија се пренесува како енергетски депозит за следниот период;
  • Net billing – вишокот се пресметува во парична вредност и се користи за намалување на сметките во следните периоди.

Овие механизми отвораат простор за активна улога на граѓаните како потрошувачи-производители, како и за проширување на заедниците што користат обновливи извори.

            Јавна расправа:

Нацрт-законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (линк: https://ener.gov.mk). Сите заинтересирани лица можат да достават мислења, забелешки и предлози во рок од 30 дена, односно најдоцна до 30 август 2025 година.

Можеби ќе ве интересира...

Нова цена на горивата

BiznisPRO

Дали знаевте дека Google тајно снима сè што ќе кажете? Еве како да го исклучите

BiznisPRO

ЕВН и Инженерската институција на Македонија потпишаа договор за стратешко партнерство

BiznisPRO