МФ: „Стандард и пурс“ очекува забрзување на економијата, стабилизирање на јавниот долг и зајакната фискална консолидација, земјата оценета со кредитен рејтинг ББ-со стабилни изгледи

Македонската економија во 2024 година се очекува да забрза до ниво од 2,5% и да достигне 3 % до 2027 година, јавниот долг да остане умерен и да се стабилизира на 57% од БДП до 2027 година, а буџетскиот дефицит за годинава е ревидиран на 4,9 % и се очекува од 2025 година да се зајакнат напорите за фискална консолидација согласно Законот за буџети. Ова го констатира Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандар и пурс“ во најновиот извештај со кој земјата го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи.

„Стандард и пурс“ во извештајот наведува дека земјата забележа стапка на раст од 1,3% во 2023 година, продолжувајќи го ваквиот тренд од последните две години, поради слабата надворешна побарувачка и инвестиции. Поконкретно, во извештајот се констатира дека „во првиот квартал од 2024 година, економијата забележа раст од 1,3% на годишно ниво, што е доминантно поттикнат од инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти“, кои според Агенцијата и во наредниот период ќе бидат двигатели на економскиот раст. Ризиците кои може да влијаат на намалување на растот се поврзани со неизвесното економско окружување во ЕУ и потенцијалот за зголемување на цените на суровините поттикнати од глобалните геополитички тензии. Сепак, очекувањата на Aгенцијата се растот да закрепне и да достигне 3% до 2027 година поттикнат од очекуваното зголемување на надворешната побарувачка и зајакнување на кредитната активност.

И покрај слабиот економски раст, „Стандард и пурс“ нотира дека постигнато е значително намалување на стапката на невработеност, која е намалена на ниво од 12,9% во првиот квартал од 2024 година и дека таквиот тренд ќе продолжи и во иднина поддржан од приливот на странски директни инвестиции. Ризик на кој се посочува е високото ниво на емиграција, значителниот неформален сектор и недостигот на квалификувана работна сила.

Исто така, во извештајот се нотира дека послабите изгледи за економскиот раст за оваа година се пресликуваат и во ревидираниот буџет кој се фокусира на пораст на пензиите, платите и сервисирање на долговите, и намалување на другите расходи, а воедно буџетскиот дефицит за 2024 година е ревидиран на ниво од 4,9%. Значајно, според „Стандард и пурс“ е почитување на Законот за буџети и понатамошна фискална консолидација. Во периодот 2024-2027 буџетскиот дефицит во просек е проектиран на 3,5% од БДП. При тоа клучни предизвици на кои се упатува во извештајот се неформалниот сектор и зголемени трошоци за инфраструктурните проекти.

Клучно според „Стандард и пурс“ е да се продолжи со обезбедување силен економски раст и спроведување на структурните реформи. Примарна агенда на Владата, нотира Агенцијата, се сеопфатни реформи насочени кон ревитализација на институциите, борба со корупцијата и почитување на владеењето на правото. Клучна цел е економскиот раст, поставен на 5%, поттикнат од големите инфраструктурни проекти, привлекување нови инвестиции, зајканување на наплатата на даноците и зголемување на приходите, зголемување на пензиите и платите.

Кредитниот рејтинг, кој го изготвуваат Агенциите за кредитен рејтинг го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Кредитниот рејтинг на земјата го оценуваат „Стандард и пурс“ и „Фич“ двапати во годината.

Можеби ќе ве интересира...

Колку чинат девизите денеска? Курсна листа за 6. ноември 2024

BiznisPRO

Курсна листа за 14 мај 2024

BiznisPRO

УЈП со важно соопштение до компаниите

BiznisPRO