Народната банка организира Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност

Народната банка и Фондот за зелен развој (GGF − Green for Growth Fund) организираат Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност, којашто ќе се одржи на 25 ноември во Скопје. Настанот претставува значаен чекор кон унапредување на дијалогот и поддршка на финансискиот сектор во приспособувањето на економијата кон зголемените климатски предизвици.
На Конференцијата под наслов „Климатските ризици и финансиската стабилност: справување со денешните предизвици и искористување на утрешните можности“, ќе се обединат централните банки, финансиските регулатори, меѓународните организации, како и претставници од банкарскиот сектор, со цел да ја продлабочат регионалната соработка и размената на најновите практики во управувањето со климатските ризици. Конференцијата ќе ја отворат гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и директорот на Фондот за зелен развој, Борислав Костадинов, а посебно обраќање ќе има претседателката на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС) и првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер.

На Конференцијата, високи претставници од централните банки од регионот и експерти од Светската банка ќе се осврнат на супервизорскиот пристап кон управувањето со климатските ризици. Излагачите ќе зборуваат за интеграцијата на климатските ризици во супервизорските процеси, примената на европските и меѓународните стандарди и искуствата од нивното спроведување. Ќе бидат опфатени и најдобрите практики на комерцијалните банки во управувањето со климатските ризици и зелената трансформација на деловните модели. Високи претставници од водечките банки од регионот и Европа ќе ги споделат предизвиците и можностите од воведувањето зелени производи, подобрените системи за известување и процената на физичките и транзициските ризици.

Во рамките на Конференцијата ќе се засегнат прашања и за климатските промени во контекст на финансиската стабилност, со учество на излагачи од Европската централна банка и од централните банки од поширокиот регион. Ќе се разгледаат најновите пристапи во моделирањето на климатските ризици и спроведувањето на климатските стрес-тестови, начините за надминување на недостатокот на податоци, како и транспарентноста и обврските за известување за одржливото работење (ЕСГ), при што ќе бидат претставени најважните регулативни новини и очекувањата за финансиските институции.

Конференцијата ќе може да се следи во живо, на каналот на Народната банка на „Јутјуб“.

Можеби ќе ве интересира...

Скенирате фискални? еве кога следува исплатата на МОЈДДВ

BiznisPRO

Објавена новата листа на должници на данок кон државата

BiznisPRO

Ангеловска-Бежоска: членството во СЕПА е признание за нашата посветеност на финансиската интеграција во ЕУ, стабилноста и на модернизацијата

BiznisPRO