Празниците се време за споделување и дарување, среќа и радост за секого. Сепак, не сите можат да ја почувствуваат празничната магија и да си обезбедат достојна празнична трпеза. Токму затоа, во духот на хуманоста и солидарноста, НЛБ Банка ги замени традиционалните корпоративни подароци со значајна донација во храна за оние на кои таа им е најпотребна.
И годинава, Банката во соработка со Црвениот Крст на град Скопје обезбеди пакети со основни прехранбени производи кои ќе им бидат донирани на лица во висок социјален ризик. Дистрибуцијата на хуманитарните пакети со храна ќе ја направат волонтерите на Црвениот крст, пришто директно ќе бидат опслужени 300 корисници и нивните семејства.
„Празниците се време кога, повеќе од кога било треба да сочувствуваме и да споделуваме. Ние сме дел од оваа заедница и силно веруваме во важноста од солидарност, хуманост и помагање. Среќни сме кога можеме да помогнеме и кога радоста на празниците можеме да ја поделиме со сите наши сограѓани. За нас, единствено, свет полн со добрина е свет полн со можности и затоа постојано создаваме можности за сите, оставајќи подобри траги за генерациите кои доаѓаат“- истакнуваат од НЛБ Банка.
Храната е основна човекова потреба, но и човеково право и таа треба да е дел од сечиј дом и секоја трпеза. Но и покрај тоа, сведоци сме на поразителни статистики за луѓе кои се наоѓаат во висок социјален ризик и немаат соодветен приход да ги задоволат своите основни потреби. Ова е особено забележително за време на празниците кога борбата за егзистенција преовладува над празничните желби и остава многу лица во неизвесност.
“Празниците се период кога сите сакаме да подариме насмевка и добар збор. Кога сето тоа ќе се поврзе со перманентна поддршка за ранливите категории тогаш зборуваме за компанија што ги препознава потребите на заедницата и помага таму каде што е најпотребно. НЛБ Банка секоја година мисли на најранливите категории на граѓани и веќе неколку години, крајот на годината го завршува со донација на пакети со храна, лекови наменети за бездомни, стари и изнемоштени лица, како и семејства во социјален ризик. Благодарност до вработените и менаџментот на Банката за нивната хуманост и општестевна одговорност” – изјавија од Црвениот Крст на Град Скопје.
НЛБ Банка во соработка со Црвениот крст во контунитет реализира бројни донации за ранливи категории на граѓани, потврдувајќи ги своите заложби за поправедно и поинклузивно општество за сите.