Нови можности за економска соработка со Франција: Деловниот клуб при СКСМ со ново раководство и план за 2025

Деловниот клуб за соработка со Франција и франкофонските земји при Стопанската комора на Северна Македонија денеска избра ново раководство и ја усвои програмата за работа за 2025 година. За претседател на Клубот едногласно беше изгласан Гоце Марков од „Тиквеш“, а членовите се согласија на активности насочени кон јакнење на деловните врски со француските партнери.

На седницата присуствуваа компаниите членки на Клубот, како и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.

Амбасадорот Ле Риголер истакна дека, иако француското економско присуство во Северна Македонија е скромно, интересот за инвестиции е зголемен.

„Постои потенцијал за унапредување на соработката. Искажувам благодарност до Стопанската комора и нејзиниот претседател за оваа иницијатива. Да ги зголемиме економските врски меѓу двете земји. Иако не сме отсутни, нашето присуство е на скромно ниво, што не соодветствува со високото ниво на билатералните односи меѓу Франција и Северна Македонија“, нагласи амбасадорот.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, потенцираше дека како најголема бизнис-асоцијација Комората е посветена на поттикнување на меѓународната економска соработка и обезбедување нови можности за македонските компании.

„Нам ни треба здружување и заеднички настап на пазарите, а од Француската амбасада очекуваме максимална поддршка во процесот на градење посилни економски врски. Македонските компании и иноватори се подготвени и мотивирани за настап на европските пазари, користејќи ја својата конкурентност и иновативност за постигнување поголем успех“, изјави Азески.

Во Деловниот клуб членуваат македонски и француски компании, и неговата основна цел е да биде место за размена на искуства и добри практики, и воедно да им помага на македонските, француските и франкофонските компании подобро да ги разменат нивните идеи, размислувања со цел да се здружат и заеднички да настапуваат на трети пазари, како и да придонесат за привлекување на нови инвеститори и компании кои успешно ќе работат овде.

Можеби ќе ве интересира...

Соработка на Народната банка со Банката на Португалија во Програмата на ЕУ за зајакнување на системите за известување податоци

BiznisPRO

Владата ќе дели ваучери за таблети, телефони, компјутери за млади – ќе се дели и финансиска поддршка за оние кои сакаат да отворат бизнис

BiznisPRO

УЈП со акција: Една третина од контролираните за фискализација со неправилности – Изречени се казни и привремено затворање на пет субјекти

BiznisPRO