Објавен е традиционалниот конкурс за учениците од основните и средните училишта по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври

Народната банка и Министерството за финансии традиционално, дванаесетта година по ред, по повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври го објавија Конкурсот за учениците од основното и средното образование. Целта на Конкурсот е да се поттикне креативноста, имагинацијата, како и интересот на учениците за штедењето и едукација на младите за овој сегмент во финансиската сфера.

Учениците од основното образование може да испратат литературна и / или ликовна творба на темата: „Штедењето – наша навика и наша потреба!“. За избраните 12 најдобри творби на учениците од основното образование ќе им бидат доделени парични награди, и тоа: 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 1. до 5. одделение; 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 6. до 9. одделение; 3 награди за најдобра песна за учениците од 1. до 5. одделение и 3 награди за најдобар расказ за учениците од 6. до 9. одделение.

Учениците од средното образование може да испратат литературна творба ‒ есеј на темата: „Финансиската едукација на младите – основа за подобро управување со парите и заштита од финансиски измами во новото дигитално време“. За избраните 3 најдобри творби на учениците од средното образование ќе им бидат доделени парични награди.

Крајниот рок за доставување на творбите е 18 октомври 2024 година.

Списокот на наградените ученици ќе биде објавен најдоцна до 31 октомври 2024 година, на интернет-страниците на Народната банка и на Министерството за финансии.

Народната банка и Министерството за финансии ги повикуваат заинтересираните ученици да достават творби на објавениот конкурс. Веруваме дека и оваа година Конкурсот ќе предизвика голем интерес меѓу учениците од основните и средните училишта во нашата земја и дека дополнително ќе го поттикне стекнувањето и развивањето на навиките за штедење.

Можеби ќе ве интересира...

Статистика измери поскапо кафе во македонските угостителски објекти

BiznisPRO

Ќе се одржи 52. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

BiznisPRO

Во Македонија има 100.000 невработени лица

BiznisPRO