Почна изградбата на гасниот интерконектор со Грција: Стратешки проект за енергетска сигурност, пониски цени и регионална интеграција

Со симболичен чин на потпишување на гасоводните цевки од страна на претставници на Владата, меѓународните партнери и институциите вклучени во реализацијата, беше означен почетокот на изградбата на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција – стратешки енергетски проект со кој земјата добива нов правец во обезбедувањето на сигурно, стабилно, диверзифицирано и еколошки одржливо снабдување со природен гас, што има клучно значење за енергетската иднина на земјата и регионот.

Настанот се одржа во близина на Неготино и Демир Капија, на локацијата на трасата од каде започнува изградбата на македонскиот дел од интерконекторот, во организација на НОМАГАС АД Скопје – државната компанија која управува со националниот гасоводен систем.

Изградбата на интерконекторот беше поздравена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој истакна: „Ова не е само инвестиција во цевки и бетон, туку уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјата, во нејзиниот целокупен економски развој и во нејзината просперитетна иднина. Преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, нашата земја станува значајна енергетска крстосница, што очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред се за македонските граѓани и домашната економија“.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, ја истакна клучната улога на гасификацијата во борбата со загадувањето на воздухот. „Гасниот интерконектор со Грција не е само инвестиција во инфраструктура, туку во поздрава животна средина, посигурна енергија и посилна поврзаност со регионот. Со оваа инвестиција правиме суштински исчекор во борбата против загадувањето, но и ја покажуваме посветеноста на Владата да планира, да реализира и да води со јасна визија. Ова е пример како преку конкретни проекти, стратешки партнерства и еколошка одговорност, ја градиме иднината што граѓаните со право ја очекуваат – почиста, постабилна и европска Северна Македонија“, подвлече вицепремиерот Меџити.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го нагласи значењето на интерконекторот како најголемата енергетска инвестиција во земјава во последните десет години. „Од оваа точка па натаму, секој метар од трасата е симбол на нашата визија: енергетска независност, економски раст, еколошка одржливост и регионална интеграција. Како министерка, денес стојам гордо пред вас, затоа што успеавме! Реализиравме проект кој не е само стратешки, туку клучен за иднината на нашата земја. Ова е чекор кој трајно ја менува нашата енергетска перспектива. Македонија станува клучен играч во енергетската мапа на Југоисточна Европа. Не само што ја зајакнуваме нашата енергетска независност, туку и придонесуваме за стабилноста на целиот регион. Овој проект е доказ за нашата одлучност да ја трансформираме Македонија во енергетски центар на Балканот“, рече во своето обраќање министерката Божиновска.

Директорот на НОМАГАС, Мухамед Елмази, истакна дека со изградбата на интерконекторот државата влегува во нова енергетска ера – конкурентна, одржлива и поврзана со регионалниот и европскиот енергетски пазар. „Преку овој проект ќе се обезбеди поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на природен гас, ќе се унапреди конкурентноста на пазарот и ќе се создаде пофлексибилен систем кој ќе биде подготвен да одговори на идните енергетски предизвици. Проектот е технолошки усогласен со европските стандарди и агендата за енергетска трансформација и ќe овозможи транспорт на зелени енергенси како водородот, што нѐ носи чекор поблиску до енергетски одржлива иднина“, рече Елмази.

Почетокот на изградбата на интерконекторот  беше поддржан од бројни меѓународни партнери и дипломати, што уште еднаш ја потврди важноста на проектот. Меѓу говорниците кои се обратија на настанот беа претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ),  Бјорн Габриел, шефот на Канцеларијата на Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјата, Фатих Туркменоглу, амбасадорката на САД, Анџела Агелар, амбасадорката на Грција, Софиа Филипиду, како и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас. Сите ја поздравија изградбата на интерконекторот како проект од заеднички интерес и симбол на регионалната соработка и европската интеграција.

„Гасоводниот интерконектор помеѓу Северна Македонија и Грција е проект со далекусежно влијание и со голема економска трансформативна моќ за регионот. Тој директно придонесува кон енергетската политика на Унијата, обезбедувајќи разноврсно и стабилно снабдување со енергија, подобрувајќи ја енергетската отпорност на ЕУ и земјава. Со оваа стратешка точка на прекугранично поврзување, ЕУ ја поттикнува побрзата интеграција на регионот во Европскиот енергетскиот пазар, каде што Северна Македонија заслужено припаѓа“, рече амбасадорот на ЕУ, Рокас.

На настанот присуствуваа и директорка на Националниот оператор на системот за природен гас на Грција (ДЕСФА), Мариа Рита Гали, како и директорот на Србијагас, Душан Бајатовиќ.

 

Интерконекторот ќе донесе пониски цени на гасот и сигурно снабдување за индустријата и домаќинствата

Делница од гасоводниот интерконектор што ќе се гради на македонска територија ќе биде долга 66,7 километри, со дијаметар на цевката од 700 милиметри. Интерконекторот ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност истиот да се зголеми до 3 милијарди кубни метри.

Вредноста на изградбата на проектот е околу 3,7 милијарди денари, односно околу 60 милиони евра. Финансиската конструкција се состои од два поволни заеми – еден од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 28,9 милиони евра и друг од ЕБОР во износ од 45 милиони евра – како и инвестициски грант од 12,5 милиони евра преку ИПА инструментот на Европската Унија. Дополнително, преку CONNECTA програмата на ЕУ беше обезбедена и техничка помош за изработка на потребните студии, проектна документација и тендерска документација.

Со реализацијата на овој проект Северна Македонија ќе добие пристап до нови извори на природен гас, вклучително и гас од Азербејџан, како и од други глобални пазари преку поврзувањето со грчката гасоводна мрежа. Ова ќе значи значително подобрување на сигурноста во снабдувањето со гас и услови за намалување на цената на природниот гас за крајните потрошувачи.

Со интеграцијата на македонскиот со регионалниот пазар на гас ќе се отворат и нови можности за индустриски развој, подобрување на квалитетот на живот за граѓаните и создавање на нови работни места. Достапноста на гасот како поеколошка алтернатива ќе придонесе и за намалување на загадувањето на воздухот, особено во општините каде сè уште се користат дрва и нафта, односно мазут за греење. Проектот, исто така, претставува важна алка во европските напори за создавање заеднички енергетски пазар и ќе придонесе за исполнување на трите клучни цели на енергетската политика на Унијата: сигурност, одржливост и конкурентност.

Изградбата ќе ја спроведе домашната компанија Рапид Билд ДОО, која е веќе подготвена со стручен кадар и техничка опременост. Со ова се потврдува и капацитетот на македонскиот градежен сектор да изведува сложени инфраструктурни проекти во согласност со европските стандарди. Градежните работи на трасата започнуваат веднаш и се очекува да завршат за 22 месеци, со што интерконекторот треба да биде целосно оперативен во текот на 2027 година.

Можеби ќе ве интересира...

Ценовен шок во Македонија: Основните прехранбени производи поскапеа до 20% – Граѓаните загрижени

BiznisPRO

Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година

BiznisPRO

Биткоин на највисоко ниво на сите времиња: Сега вреди повеќе од 72.000 долари

BiznisPRO