Во периодот на новогодишни и божиќни празници, продолжувајќи ја својата долгогодишна традиција на грижа и солидарност, Рудник САСА, самостојно и преку својата Фондација, реализираше повеќе активности со цел да им донесе празнична радост и конкретна поддршка на своите вработени и на пошироката локална заедница во Македонска Каменица.
Како дел од традиционалните празнични активности беа обезбедени 57 ќебиња за згрижените лица во Дневниот центар за лица со посебни потреби и за членовите на Здружението „ПОРАКА“ во Македонска Каменица. Дополнително, во соработка со општината, за 220 семејства од социјално ранливи категории во локалната заедница беа донирани пакети со храна, со што беше обезбедена значајна помош за оние на кои таа им е најпотребна во овој период од годината.

Посебно внимание, како и секоја година, беше посветено и на најмладите. Фондацијата на Рудник САСА обезбеди 160 новогодишни пакетчиња за децата кои ја посетуваат детската градинка „Бамби“, како и 431 пакетче за учениците во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Пакетчињата содржат производи на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, чиј производствен погон пред неколку месеци беше зафатен од пожар, во знак на солидарност и поддршка за закрепнување на компанијата по овој настан.

Продолжувајќи ја воспоставената празнична традиција на благодарност и почит, Рудник САСА обезбеди и подарок и свечена вечера за членовите на дежурните тимови во службите за итна медицинска помош, противпожарната единица, полицијата, како и за вработените во САСА кои работеа на новогодишната ноќ.
Покрај активностите насочени кон локалната заедница, на сите вработени во САСА им беше исплатен празничен паричен надоместок, како и пригoден новогодишен подарок, како израз на благодарност за нивната посветеност, одговорност и професионален ангажман во текот на целата година.
„Овие активности се дел од традицијата што Рудник САСА со години ја негува како одговорен член на заедницата. И покрај предизвиците со кои се соочувавме во текот на годината, рудникот изнајде сили и можности да продолжи да вложува во луѓето, во нашите вработени и во заедницата во која живееме и работиме. Веруваме дека токму во празничните денови солидарноста и грижата имаат посебно значење“, велат од менаџментот на Рудник САСА, честитајќи им ги празниците на сите вработени и членови на заедницата со желби за добро здравје, успех и среќа.
Со овие традиционални празнични активности, Рудник САСА и неговата Фондација уште еднаш ја потврдуваат својата долгорочна посветеност кон благосостојбата на вработените и кон поддршката на локалната заедница.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
