Струмица е првата општина на Балканот која ќе понуди целосно еколошки превоз на граѓаните со електрични автобуси

Како дел од процесот за воведувањето на електричен јавен превоз на територија на општина Струмица, денес, на Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов и на Директорот на ЈСП “Струмица – Транспорт“, Драги Поп-Стојанов официјално им беа врачени клучевите од новите, електрични автобуси од страна на добавувачот – „Аутомакедонија“ АД Скопје. Со овој чекор, Струмица станува првата општина на Балканот која во целост ќе имплементира електричен, еколошки јавен превоз. На средбата беше најавен официјалниот датум на пуштање во употреба на десетте автобуси кои ќе сообраќаат на целата територија на општина Струмица.

„Денешниот ден е од голема важност за општина Струмица. Инвестирањето во електрични автобуси претставува многу повеќе од воведување на јавен превоз. Овие нови автобуси се симбол за посветеноста на општината кон позелена, почиста животна средина и поголема благосостојба на нашите граѓани. Со тоа што станавме првиот град во регионот кој воведува целосно електричен јавен превоз, даваме пример не само за Македонија, туку и за целиот Балкан. Поставуваме нов стандард за урбана мобилност – со приоритет на одржливоста, иновациите и иднината на нашата заедница. Веќе од 11.09.2024 автобусите ќе им служат на сите Струмичани за транспорт во рамки на општината, еднаков за сите жители. Воедно, со овие автобуси ќе се врши и превоз на ученици. Овој чин е уште еден цврст доказ за визијата на општина Струмица во прогрес.“ – изјави Костадин Костадинов, Градоначалник на Општина Струмица.

„Воведувањето на јавен превоз во општина Струмица со овие електрични автобуси носи огромни еколошки и финансиски придобивки. Нашите сограѓани сега ќе можат да транзитираат во рамки на општината поедноставно, на поисплатлив начин, а сето тоа придонесувајќи за почиста животна средина. Како дел од возниот парк на ЈСП “Струмица – Транспорт“, набавивме 10 автобуси од моделот “ISUZU NOVOCITI VOLT“ – иднината на јавниот превоз – 100% електрични автобуси кои се еколошки, ефикасни и дизајнирани за урбаната средина. За употребата на овие автобуси, изградена е и централна станица во чии рамки ќе се извршува и полнењето на автобусите. Планирано е воведување на 5 автобуски линии“, изјави Драги Поп – Стојанов, Директор на ЈСП “Струмица – Транспорт“.

Автобусот од моделот “ISUZU NOVOCITI VOLT“ има капацитет да превезува до 48 патници. Се карактеризира со литиум-јонска батерија која има гаранција од 8 години и придвижува електричен мотор TM4 со моќност 270 kW. Дизајнирани и произведени од “Anadolu Isuzu“, Република Турција, автобусите од моделот “NovoCiti VOLT“ се без емисија на издувни гасови и придонесуваат за намалена бучава во средината каде се употребуваат.

Вредноста на набавените автобуси по пат на јавна набавка е 7 милиони евра, со вклучен лизинг и ДДВ.

Можеби ќе ве интересира...

„ЕВН Онлајн“ освои две главни награди на натпреварот „Награди во е-трговијата“ за 2023 година

BiznisPRO

Како да се врзе крај со крај? Синдикалната кошничка за октомври изнесува 61.249 денари, намалувањето незабележливо

BiznisPRO

Започнува издавање на гаранции за потекло на енергија од обновливи извори

BiznisPRO