фото Бизниспро

Трите најголеми банки најавија намалување на надоместоците за платни услуги

Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за извршување платни услуги − најави гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за емисијата „Трилинг“. Оваа позитивна најава следи по интензивниот дијалог што Народната банка го води со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и до подостапни услуги.

Како дел од заложбите за зголемување на ефикасноста во платниот промет, Народната банка неодамна направи важна промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС. Со воведувањето нови правила и со намалувањето на трошоците за користење на овој систем, банките ќе остваруваат значителни заштеди.

„Нашата интервенција во МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците – нешто што веќе го гледаме како резултат“, изјави гувернерот Славески.
Тој посочи дека Народната банка, иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и делува и како партнер, со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.

„Разговараме со банките да одиме и чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите, туку и на банките, коишто преку вакви потези ги зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста“, изјави гувернерот Славески.

Народната банка и натаму ќе ја поттикнува конкуренцијата и модернизацијата на платниот промет, а со либерализацијата на пазарот се очекува уште поголем притисок за намалување на трошоците за граѓаните и за деловната заедница.

„Позитивните сигнали што веќе ги добиваме се резултат на нашиот пристап заснован на аргументи и партнерски дијалог со банкарскиот сектор. Очекуваме дека наскоро и останатите банки ќе ги следат овие примери“, додаде гувернерот.

Народната банка и во иднина ќе биде посветена на создавањето регулативна рамка којашто ќе поттикне развивање на квалитетни и ефикасни финансиски услуги достапни за сите граѓани и компании во земјава.

Можеби ќе ве интересира...

Индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, јануари 2025 година

BiznisPRO

Над 90 отсто од домаќинствата имаат пристап на интернет, дури 63,5 отсто од граѓаните купиле стоки или услуги преку интернет

BiznisPRO

Еврото зајакна во однос на доларот

BiznisPRO