„600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија – потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)“

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.

Настанот се одржа во присуство на Н.Е. г-ѓа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Н.Е. г-дин Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; г-дин Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; г-ѓа Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; г-дин Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.

Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.

Проектот е фокусиран на четири клучни области:

изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
димензионирање на системските резерви,
воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.

Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.

Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:

„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Оваа поддршка е значајна за граѓаните и стопанството. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“

Генералниот директор на МЕПСО, г-дин Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:

„Со потпишувањето на овој грант-договор ги зајакнуваме нашите стратешки партнерства и го градиме техничкиот капацитет потребен за современа преносна мрежа. Пилот-проектот за дигитализација, фокусиран на развој на целосно дигитална трафостаница со напредни системи за заштита, управување и надзор, претставува конкретен чекор кон трансформација на МЕПСО во попаметен, поефикасен и ориентиран кон иднината оператор на преносниот систем.“

Г-ѓа Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International, изјави:

„Овој проект претставува значаен чекор напред за енергетскиот сектор на Северна Македонија – обединувајќи ја националната амбиција, регионалната соработка и европското партнерство. Во соработка со МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), придонесуваме за зајакнување на енергетската безбедност, конкурентноста и подготвеноста на земјата за енергетската транзиција. Договорот обединува напредно моделирање на електроенергетскиот систем, иновативно предвидување на резервите со користење на вештачка интелигенција и пилот-проект за дигитализација на трафостаница од 110 kV – одлучувачки чекор кон поотпорна, потранспарентна и поконкурентна електроенергетска мрежа.“

Амбасадорот на Франција, Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, нагласи дека овој договор претставува уште еден чекор напред во продлабочувањето на партнерството меѓу Франција и Северна Македонија. Тој истакна дека оваа соработка ја одразува заедничката посветеност на двете земји кон одржлив раст, иновации и енергетска отпорност. Амбасадорот додаде дека Франција, преку AFD и RTE International, со гордост ја поддржува Северна Македонија во напорите за јакнење на енергетската стабилност и создавање позелена и подигитализирана иднина.

Г-дин Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, подвлече дека овој нов договор ја илустрира континуираната посветеност на AFD кон модернизација на преносната мрежа во Северна Македонија. Тој додаде дека оваа соработка е дел од посилната заложба на AFD за поддршка на македонските партнери, и со задоволство ја искористи оваа прилика да го најави отворањето на локалната канцеларија на AFD во Скопје, која ќе ја претставува г-ѓа Мелани Малинво.

Проектот ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.

За AFD:
Групацијата AFD придонесува за спроведување на француските политики за одржлив развој и меѓународна солидарност. Во нејзини рамки функционираат Agence Française de Développement (AFD) – која го финансира јавниот сектор, невладините организации, истражувањата и обуките; нејзината подружница Proparco, насочена кон приватниот сектор; и Expertise France, агенцијата за техничка соработка.

Групацијата AFD финансира, поддржува и забрзува неопходни транзиции кон поправеден и поотпорен свет. Активна во регионот на Западен Балкан од 2019 година, AFD има мандат да им помогне на земјите од регионот во приближувањето кон стандардите на ЕУ и спроведувањето на Парискиот договор за климатски промени, со цел инклузивен и нискојаглероден економски развој. Од тогаш, AFD има ангажман од над 1,5 милијарди евра во регионот на Западен Балкан, преку 39 активни проекти.

Можеби ќе ве интересира...

ТИТАН УСЈЕ – Пионер во имплементацијата на практики од циркуларната економија во земјава

BiznisPRO

Традиционалната македонска храна и нотите на Дуке Бојаџиев – инспирација за третото издание на „Трајни културни вредности“

BiznisPRO

„Реплек“ на саемот на фармација CPHI – зајакнување на извозните позиции и освојување нови пазари

BiznisPRO