Терминалот за течен природен гас  „Александрополис“ на Гастрејд започнува со деловно работење – Пресвртница во енергетската безбедност и развој на Европа

Трансформацијата на Александрополис во нова енергетска влезна порта за цела Централна и Југоисточна Европа ќе се одвива од денес, со отпочнувањето на деловното работење на Терминалот за течен природен гас „Александрополис“.

Гастрејд со гордост објавува дека денес, 1 октомври 2024 година, Терминалот за течен гас „Александрополис“ започнува со деловно работење. Тој е еден од најважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво, дизајниран, изграден, во сопственост на, и управуван од Гастрејд. Историски проект замислен пред 15 години од Димитрис Копелузос.

Остварен како резултат на извонредна соработка, со револуционерна замисла за своето време, Проектот придонесува кон енергетската безбедност и кон диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија на Југоисточна и Централна Европа, категорично надградувајќи ја улогата и важноста на Грција во современата енергетска карта на Европа, која станува енергетска влезна порта за повеќе од девет земји.

 

Од конечната одлука за инвестирање до отпочнувањето на деловното работење

Спроведувањето на Проектот почна да се материјализира кога беше донесена Конечната одлука за инвестирање (ФИД, анг. FID) на 27 јануари 2022 година од страна на Гастрejд. Последователно, градежните работи на копно и на крајбрежјето во Александрополис брзо се одвиваа, при што во февруари 2023 година започна изградбата на специјалниот танкер – пловна единица за складирање и регасификација на течен гас (ФСРУ, анг. FSRU) во Сингапур. ФСРУ исплови од бродоградилиштето „Ситриум“ на 26 ноември 2023 година, пристигнувајќи во водите на Тракиското Море на 17 декември 2023 година, каде што се закотви на својата постојана положба. Со успешното завршување на сите тестови за пуштање во употреба и издавањето на Дозволата за работа од страна на Министерството за енергетика и животна средина изминатово лето, Проектот беше ставен во работна готовност, со што официјално се овозможи отпочнување со деловното работење.

Терминалот за течен гас „Александрополис“ се состои, покрај Пловната единица (ФСРУ), и од подморски и копнен гасовод кој ја поврзува Пловната единица со Националниот систем за пренос на природен гас (ННГТС, анг. NNGTS) преку кој ќе се испорачува природен гас до Грција, Бугарија, Романија, Северна Македонија, Србија, Молдавија и Украина на исток, како и Унгарија и Словачка на запад. Пловната единица за складирање и регасификација (ФСРУ), наречена „АЛЕКСАНДРОПОЛИС“ во чест на градот и неговите жители кои го прифатија овој амбициозен проект од самиот почеток, има најсовремена технологија, со максимален капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно.

 

Следниот ден

14 грчки и меѓународни компании веќе деловно учествуваат во Проектот, заземајќи го речиси целиот капацитет на Терминалот најмалку до 2030 година. Истовремено, почетокот на комерцијалното работење на Проектот го одбележува зајакнувањето на иницијативата за „Вертикален коридор“, значително засилувајќи ја постојната динамика, стремејќи се да создаде центар за трговија со природен гас во Југоисточна и Централна Европа.

Тимот на Гастрејд, заедно со своите стратешки партнери и акционери, Елмина Копелузу, Гаслог, ДЕПА Комерцијал, Булгартрансгас и ДЕСФА, би сакале да ја изразат својата благодарност до сите оние кои придонесоа за успешно завршување на овој проект од национално значење и да истакнат дека остануваат посветени на обезбедување на поодржлива и посигурна енергетска иднина за Грција и Европа.

Генералниот директор на Гастрејд, Костис Сифнаиос, рече: – Сите во тимот на Гастрејд сме многу горди и возбудени што успешно стигнавме до крајот на ова долго патување и го реализиравме овој проект важен за нашата земја и за целиот регион. Нашата визија е да му обезбедиме на пазарот проект кој ќе функционира на начин кој е по мерка на општеството во Александрополис, животната средина и нашите клиенти, нудејќи стабилна и сигурна опција за снабдување, до која пристап ќе има целиот наш регион. Сакаме да станеме инфраструктура што ќе биде „репер за извонредност“.

– Потребна беше визијата на еден човек, петнаесет години напор и две години интензивна техничка подготовка за да може Грција, Александрополис, да се здобие со проект кој претставува пресек за енергетската положба на поширокиот европски регион. Терминалот за течен природен гас „Александрополис“ е многу повеќе од деловен проект. Тоа е материјален доказ за можностите што ги имаме во Грција да создадеме европски инфраструктури кои ги решаваат проблемите на нашето време, нудејќи можности и перспективи за подобра и одржлива енергетска иднина“, нагласи основачкиот акционер на компанијата Елмина Копелузу.

„Гаслог (анг. GasLog) се гордее со тоа што одигра клучна улога во осмислувањето на проектот уште од самиот почеток, трансформацијата на носачот на течен гас во ФСРУ – пловена единица за складирање и регасификација, испораката на единицата до Александрополис и успешното започнување со работа на терминалот „Александрополис“, придонесувајќи како акционер и оператор на ФСРУ, истовремено остварувајќи ја нашата заложба за обезбедување сигурни и иновативни решенија за течен гас на глобално ниво“, рече Паоло Еноизи, Извршен директор на Гаслог.

„Денес го означува почетокот на ново поглавје во енергетскиот пејзаж на нашиот регион. Терминалот за течен гас во Александрополис, замислен со поглед свртен кон иднината, претставува опипливо решение за актуелните предизвици на енергетската безбедност и диверзификацијата на изворите на снабдување во Југоисточна Европа. Преку овој проект ние обезбедуваме пристап до посигурни и разновидни извори на енергија, генерирајќи нови економски можности за локалната заедница и ја зајакнуваме геополитичката положба на нашата нација. Искрено се гордееме со клучниот придонес на „ДЕПА Комерцијал“ (анг. DEPA Commercial) за успешната реализација на оваа стратешка инфраструктура, која ќе донесе значителни предности и за Грција и за нејзините соседни земји“, изјави Константинос Ксифарас, извршен директор на „ДЕПА Комерцијал“.

„Почетокот на комерцијалната работа на „Александрополис“ ФСРУ е клучна пресвртница за обезбедување диверзификација во снабдувањето и за гарантирање на енергетската безбедност не само за Бугарија, туку и за регионот на Југоисточна Европа. Одлуката, која беше донесена во 2020 година, за Бугарија и Булгартрансгас да станат акционери со 20% удел во Гастрејд СА (анг. Gastrade SA) се покажа како стратешка. Денес, „Александрополис ФСРУ“ е несомнено клучна инфраструктура која обезбедува пристап до снабдување со гас од сигурни извори, како што се САД, Катар, Египет итн. Сѐ позначајната улога на течниот гас за регионот и способноста на овој капацитет за складирање и регасификација на течен природен гас е од најголема важност за земјите од ЈИЕ кои имаат за цел да го диверзифицираат снабдувањето и да се оддалечат од рускиот гас. Ова исто така, ќе ја подобри ликвидноста и пазарната интеграција во нашиот регион.“, изјави Кирил Равначки, извршен директор на Булгартрансгас.

„Започнувањето на деловното работење на „Александрополис ФСРУ“ е клучен настан што ја зацврстува позицијата на Грција како клучна енергетска влезна порта за Југоисточна Европа и пошироко. Овој нов капацитет за увоз на течен гас, заедно со терминалот за течен природен гас „Ревитхуса“ (анг. Revithoussa), заедно со инвестициите на ДЕСФА за подобрување на извозниот капацитет на грчката гасна мрежа, и иницијативите како ТАП, ИГБ и Вертикалниот коридор, дополнително ја зајакнуваат енергетската инфраструктура и меѓусебната поврзаност на регионот“, додаде Марија Рита Гали, извршен директор на ДЕСФА.

 

Можеби ќе ве интересира...

Глобалниот јавен долг би можел да достигне 115 отсто од „глобалниот БДП“ за само три години

BiznisPRO

Истрага против „Алиекспрес“! Се сомневаат дека продаваат нелегални производи, а обвинувањата одат и на сметка на огласи

BiznisPRO

Дали знаевте дека Google тајно снима сè што ќе кажете? Еве како да го исклучите

BiznisPRO