фото Бизниспро

Заклучоци од меѓународната конференција на Народната банка: Инфлациската криза е успешно надмината

Централните банки во регионот исклучително успешно се справија со шоковите во изминатите години, намалувајќи ја инфлацијата, без притоа економиите да западнат во рецесија или да се наруши финансиската стабилност, како што беше во останатите инфлациски кризи низ историјата. Причината за овој успех е независноста и кредибилноста на централните банки, но и силната регулативна рамка поставена во изминатите години, поради која беше задржана финансиската стабилност. Во поглед на економскиот развој, беше истакната важноста од надминувањето на родовиот јаз во финансиската вклученост за забрзување на растот. Ова беа главните заклучоци од Десеттата меѓународна конференција, во организација на Народната банка и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ).

Со првата панел-дискусија на Конференцијата, на тема „Зачувување на кредибилноста и независноста на централните банки“, претседаваше директорот на Здружениот виенски институт, Ерве Жоли, а учествуваа гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, заменикот на генералниот директор за меѓународни и европски односи на ЕЦБ, Жил Нобле, како и професорот за европско право, Пол Дермин. На оваа дискусија беше истакната важноста на независноста на централните банки за одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и потребата од постојано зголемување на транспарентноста и отчетноста на централните банки во услови на затегнување на монетарната политика како одговор на инфлацијата.

На втората панел-дискусија на Конференцијата се зборуваше за перспективите на мандатите на централните банки. Панел-дискусијата ја водеше Пирошка Наѓи Мохаши од Лодонската школа за економија и политички науки, а учествуваа претседавачот на Европскиот банкарски регулатор, Хосе Мануел Кампа, глобалниот директор за финансии, конкурентност и иновации на Светската банка, Жан Песме, гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, гувернерот на Банката на Албанија, Гент Сејко и директорот и главен за финансиските институции во ЕБОР, Франсис Малиж. На дискусијата беше истакнато дека овластувањата на централните банки се прошируваат со климатските ризици и ризиците од геофрагментација, дигитализацијата, финансиската едукација и вклученост, но дека овие нови задолженија на централните банки се во прилог на исполнувањето на нивните основни цели – ценовната и финансиската стабилност.

Третата панел-дискусија беше посветена на „Финансиите поврзани со родовата вклученост во регионот на ЈИЕ“, со која претседаваше главниот извршен директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг, а учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Централната банка на Црна Гора, Ирена Радовиќ, гувернерката на Централната банка на БиХ, Јасмина Селимовиќ, гувернерката на Народната банка на Молдавија, Анка Драгу, додека свое обраќање имаше и гувернерката на Народната банка од Србија, Јоргованка Табаковиќ. На дискусијата беше истакнато дека покрај напредокот во изминатите години, родовиот јаз во финансиската вклученост сѐ уште постои, вклучително и во регионот. Финансиската вклученост е особено значајна за претприемаштвото коешто зафаќа 50% од фирмите и две третини од работните места во светот. Оттука, за надминување на финансискиот родов јаз би биле потребни дополнителни 5 до 6 трилиони долари на глобалниот БДП.
Четвртата панел-дискусија на Конференцијата беше посветена на лекциите научени од последните кризи. Со неа претседаваше регионалниот резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан, Себастијан Соса, а учесници беа гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, членот на Советот на Банката на Литванија и на Одборот за супервизија на ЕЦБ, Симонас Крепшта, директорката на економскиот сектор на ЕИБ, Дебора Револтела, Жан Марија Милеси-Ферети од Институцијата „Брукингс“, Џеф Боекс од Народната банка на Белгија и Дубравко Мухаљек, член на Надзорниот одбор на Хрватската народна банка. На оваа дискусија беа разменети искуствата од затегнувањето на монетарната политика во изминатата кризна епизода.

Изнесувајќи ги заклучоците од Конференцијата, вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, го посочи истражувањето на Европската централна банка, коешто опфаќа период од 50 години, каде што се заклучува дека епизодите на висока инфлација поврзани со шокови од страната на понудата водат кон силно затегнување на монетарната политика и завршуваат со рецесија и нарушување на финансиската стабилност. „Сепак, изгледа дека овојпат историјата не се повторува, иако инфлацијата доаѓа од страната на понудата, а реакцијата на централните банки беше брза и силна. Негативните ефекти изостанаа. Силните и независни централни банки беа способни да се справат со кризата. Истовремено, со јакнењето на регулативната рамка во изминатите години и со постојаната претпазливост на супервизорите и регулаторите, се зголеми отпорноста на финансискиот систем на шоковите. Последната инфлациска епизода ни покажа дека вложувањето, независноста, отчетноста и транспарентноста се суштински за ефикасно надминување на предизвиците и остварување на целите во исклучителна неизвесност“, посочи вицегувернерката.

Можеби ќе ве интересира...

ИСОС презема активности за откривање и санкционирање на злоупотреби со фалсификувани уверенија и лиценци

BiznisPRO

ОПЕК+ ја задржа цената на нафтата блиску до 84 американски долари

BiznisPRO

Успешно заврши ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024: Центар на иновациите и одржливите решенија

BiznisPRO