Вицегувернерката Митреска на „Ерсте инвесторс брекфаст“: Централните банки ќе продолжат со претпазливо нормализирање на монетарната политика

Инфлацијата е стабилизирана, додека централните банки внимателно ја нормализираат својата монетарна политика. Основните каматни стапки иако се намалуваат, сеуште се на повисоко ниво. Се очекува големите централни банки (Европската централна банка и Федералните резерви) да продолжат со олабавување на своите монетарни политики и во текот на 2025 година. Притоа, суштинска ќе биде координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика, односно поддршката во понатамошното закотвување на инфлацијата преку фискалната консолидација, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска во своето обраќање на единаесетото издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст“, којашто традиционално ја организираат „Ерсте банка“ и „Шпаркасе банка“.

Вицегувернерката посочи дека и покрај намалувањето на инфлацијата постојат повеќе ризици кои се поврзани со поголемата инертност кај цените на услугите, растот на платите и расположивиот доход, можни притисоци на страната на понудата, како и поддршката од фискалната политика. Фискалниот одговор во неколкуте изминати кризи ја поддржа економијата, но истовремено ги зголеми нивоата на дефицитите и јавниот долг. Притоа, во регионот се забележуваат извесни подобрувања кај дефицитот и јавниот долг, но се уште се над предпандемиското ниво. Во следниот период суштински ќе биде да се остане на патот на фискалната консолидација.

Говорејќи за нашата централна банка, вицегувернерката Митреска посочи дека Народната банка од почетокот на инфлациската криза презеде повеќе мерки за да ги стабилизира инфлациските очекувања преку затегнување на монетарната политика. Како резултат на овие мерки инфлацијата се намали од 19,8% во октомври 2022 година на 2,6% во септември 2024 година, вклучително намалување има и на инфлацискиот јаз со еврозоната. Со намалувањето на инфлацијата, Народната банка започна со внимателно олабавување на монетарната политика преку намалување на основната камата за 0,5 процентни поени.

Намалувањето на инфлацијата се очекува да продолжи и во 2025 година, кога најверојатно централните банки ќе ја постигнат целната инфлација, посочи вицегувернерката Митреска. Притоа таа истакна дека притисоците на страната на понудата ќе бидат почести во иднина, а како надолни ризици тука се и деглобализацијата, демографските и климатските промени кои можат да го намалат потенцијалот за раст на економиите и да влијаат на понудата и инфлацијата. Од друга страна брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелегенција може да го зголеми потенцијалот за раст на економиите. Централните банки се свесни за ризиците на страната на понудата и будно ги следат случувањата.

Можеби ќе ве интересира...

Доаѓа Halk EZ – иновативен банкарски пакет за млади

BiznisPRO

МТЕЛ станува генерален спонзор на кошаркарската Прва машка лига, продолжува партнерството со КК Работнички и КК МЗТ Скопје

BiznisPRO

На 2-ри ноември ќе се одржи настан „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

BiznisPRO