Да се подготви натпревар по математика за средношколци кој ќе биде привлечен за потенцијалните учесници е вистински предизвик, особено кога целта е да се создаде атмосфера во која учесниците ќе го гледаат математичкиот предизвик не само како тест на знаење, туку и како можност за раст и нови искуства.
Така се роди и идејата за UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во Македонија, организиран од Бреинстер Некст факултетот и NU Колеџот за средношколци, кој е внимателно осмислен од тим на искусни математичари и експерти.
„При конципирањето на содржината за UltiMATH подготвивме предизвик кој ги тестира различните аспекти на математичките способности на учесниците, истовремено мотивирајќи ги да учат и напредуваат. Натпреварот е внимателно структуриран со прогресивна тежина, така што задачите постепено стануваат покомплексни – почнувајќи од задачи со основни аритметички операции, до напредни проблеми кои бараат аналитичко размислување“, вели Ивица Пешовски, главен технолошки директор во Бреинстер и дел од тимот кој учествуваше во подготовка на структурата на натпреварот и самите предизвици.
Пешовски и самиот е наградуван математичар, а токму успесите на натпреварите го поттикнале да го продлабочува своето знаење и да продолжи со кариера во софтверското инженерство каде математиката е составен дел.
Натпревари кои го мерат знаењето по математика има многу, смета Огнен Трипуноски, главен оперативен директор во Бреинстер и дел од тимот кој го подготви натпреварот UltiMATH. Тој појаснува што го прави UltiMATH поразличен од другите натпревари:
„Математиката не е само задачи, формули и дефиниции, нејзиното подлабоко разбирање и соодветна примена може да олесни многу реални ситуации. Нашата цел не е да направиме класично мерење на знаењето по математика, нешто што и сега постои во најразлични формати, туку сакаме да создадеме средина каде што ќе ја покажеме практичната страна на математиката и како со нејзина примена придонесуваме кон развој, подобрувања и напредок“, вели Трипуноски.
Со што ќе се соочат натпреварувачите?
Најдобрите 350 натпреварувачи, кои ќе ја поминат првата фаза – квалификациската рунда отворена за сите средношколци од прва до четврта година и која трае до 26-ти ноември, во живо во Ист Гејт Мол ќе ги одмерат силите на 30 ноември и 1 декември во втората фаза од 4 елиминациони рунди.
Како што појаснува Пешовски, при конципирањето на задачите за втората фаза тимот се водел од следниве принципи:
„Активирање на повеќе вештини и соочување на учесниците со различни типови задачи кои ги тестираат нивната меморија, логика и теоретско познавање, постепено зголемување на комплексноста што ќе ги издвои најдобрите и инклузивност и фер пристап гарантиран преку задачи што се соодветни за различни нивоа на знаење, со цел да се даде шанса на повеќе ученици да покажат што знаат“.
„Овие ученици се многу активни во своето учење и подготвување. Тие учат надвор од стандардната учебна програма, често користат дополнителни ресурси, како што се онлајн платформи, книги и туторијали и посветуваат време на самостојно решавање на проблеми. Тие се посветени на континуирано учење и усовршување, во групи или под менторство и имаат висока самодисциплина во процесот на подготовка“, вели Спирковска Златановска.
Најголемиот предизвик од сите – награда од 10.000 евра
За организаторите и креаторите на UltiMATH, предизвикот е пронаоѓање на најдобрите математичари преку еден масовен натпревар што претставува одлична можност за создавање на база од која понатаму може да се изродат идни програмери, истражувачи и научници.
Дополнителен мотив е промена на сликата за македонското образование, кое за жал, на светските рангирања се наоѓа на дното, особено при мерењето на знаењето по математика.
За учесниците, пак, иако одмерувањето на знаењето по математика е главниот предизвик, сепак за најдобриот/та математичар/ка има и дополнителен мотив – а тоа е наградата од 10.000 евра во кеш и 100% стипендија на Бреинстер Некст факултетот. Покрај оваа вредна награда, учесниците што ќе стигнат до четирите рунди во живо ќе имаат можност да освојат и други награди, подготвени како изненадување за останатите со добри резултати од натпреварувањето.
„Главната награда е уникатна, нешто што досега не сме го виделе на натпреварите во регионот и претставува највисоката награда на ваков тип на натпревар во земјата и пошироко“, вели Трипуноски и додава дека токму тоа го прави натпреварот истовремено и возбудлив и премногу добар за да биде реалност.
UltiMATH е замислен како годишен настан кој има за цел да прерасне во традиција што ќе инспирира идни генерации на млади математичари. Со план да се одржува секоја година, UltiMATH ќе обезбеди континуирана платформа за поддршка и развој на математичките таленти во Македонија, регионот и пошироко.
Натпреварот UltiMATH доби и поддршка од голем број на средни училишта во Македонија, и од страна на повеќе компании и организации, како Ист Гејт Мол, WVP Fund Management, iBorn, The Beetles, Горска, Urban FM, МОФ – Младински образовен форум и други.