ТИТАН УСЈЕ продолжува со инвестициите во дигитализација и имплементација на решенија базирани на вештачка интелигенција

Инвестициите во модернизација, дигитализација и воведување нови технологии за унапредување на активностите, остануваат во фокусот на Титан УСЈЕ за идната година. Планирани се инвестиции од околу 20 милиони евра во следните три години, само во овие области. Како резултат на овие вложувања, Титан УЈСЕ целосно ги усогласува стандардите во своето работење со оние во компаниите кои се дел од групацијата Титан, а кои делуваат на пазарите во Европската Унија. Во дигитализација и развој на современи решенија базирани на вештачка интелигенција, компанијата во изминатите пет годни инвестираше над шест милиони евра. 

„Во ТИТАН УСЈЕ сме посветени на имплементација на највисоките стандарди во сите наши активности. Во последните пет години, инвестиравме повеќе од 6 милиони евра во дигитализација, решенија базирани на вештачка интелигенција, иновативни технологии и одржливи практики, вклучувајќи еколошки цементи и обновливи извори на енергија како што се соларната енергија и алтернативните горива. Во следните три години, планираме да инвестираме дополнителни 20 милиони евра во модернизација и дигитализација. Едно од клучните достигнувања на овие инвестиции е развојот на автономен систем за оптимизација на производството во реално време, револуционерно решение во индустријата за цемент. Овој систем, кој користи вештачка интелигенција, ја зголеми ефикасноста на производството, ја намали потрошувачката на енергија и го подобри квалитетот на производите, истовремено значително намалувајќи ги емисиите на CO₂, што претставува наше основна заложба. Нашите напори се усогласени со највисоките меѓународни стандарди. ТИТАН УСЈЕ работи под истите строги регулативи на ЕУ како и другите постројки на Титан, вклучувајќи ги и оние во Солун, и ние одиме понатаму со интерни правила што ги надминуваат европските барања, обезбедувајќи супериорни перформанси на сите нивоа.“, истакна Константинос Николау, главен извршен директор на Титан УСЈЕ. 

Групацијата ТИТАН има своја стратегија за развој и имплементација на нови дигитални решенија и употреба на вештачка интелигенција, која се спроведува со ист интензитет во сите фабрики.  Во рамки на оваа стратегија на групацијата тимот на Цементарницата УСЈЕ, во соработка со тимот за дигитализација на групацијата, имплементираше автономен систем за оптимизација на производството во реално време – пионерско решение во цементната индустрија, кое понатаму се воведува во сите цементарници на групацијата. Со користење на иновативните технологии и вештачката интелигенција се максимизира пропусната моќ во производството, се  намалува потрошувачката на енергија за повеќе од 10% и се подобрува  квалитетот на конечниот производ, при што значајно се намалуваат емисиите на CO2, што е стратешка определба на Титан УСЈЕ. 

„Новите технологии и нивната имплементација не се само тренд, туку и многу значајна алатка која го подобрува работењето во скоро сите сегменти. Преку нив имаме можност да ја зголемиме ефикасноста во користењето на обновлива енергија, да ја интензивираме зелената транзиција и да ги унапредиме практики на циркуларна економија, кои се клучна алка во нашето работење во сите наши компании. Тоа што се практикува во компанијата која се наоѓа во земја членка на ЕУ, се практикува како стандард во било која друга компанија, вклучително и во Титан УСЈЕ“, истакна Василис Строунгарис, директор на фабриката ТИТАН Ефкарпија во Солун. 

Групацијата ТИТАН има 120 годишно искуство во индустријата и со своите активности е присутна во повеќе од 25 земји во светот. Сите компании во рамките на групацијата работат според најдобрите светски практики, водејќи сметка за развојот и просперитетот на заедницата. 

 

Можеби ќе ве интересира...

ЖИВКО МУКАЕТОВ ПРОГЛАСЕН ЗА ПРЕМИУМ ПАРТНЕР НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „ОСКАР НА ХУМАНОСТА“ НА ЦРВЕН КРСТ

BiznisPRO

Во недела во Парк – деветта традиционална манифестација за поддршка на лицата со Вилсонова болест

BiznisPRO

Фортонмка успешно реализира продажба на објект од 9,5 милиони евра на ЛИДЛ

BiznisPRO