Се воведува модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола на концесиите за минерални и енергетски ресурси

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации.

Новата технологија овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови. На овој начин, Министерството ја зајакнува транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.

фото Министерство за енергетика / 24.11.2025

Новиот систем го зајакнува инспекцискиот надзор, им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.

„Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот“, истакна министерката Сања Божиновска.

фото Министерство за енергетика / 24.11.2025

Вработените во Министерството кои ќе управуваат со дронот поминаа специјализирана обука за негово користење и за правилна интерпретација на податоците добиени од далечинското набљудување. Ова обезбедува професионален, прецизен и современ надзор, усогласен со највисоките стандарди.

Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси. Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.

Министерството останува посветено на обезбедување високи стандарди на транспарентност и одговорно управување со природните ресурси, со цел одржлив економски развој.

Можеби ќе ве интересира...

Бројот на работниците во индустријата е намален за 4.0% во јуни 2025 во однос на јуни 2024 година

BiznisPRO

УЈП со акција: Една третина од контролираните за фискализација со неправилности – Изречени се казни и привремено затворање на пет субјекти

BiznisPRO

Просечната месечна исплатена нето-плата изнесува 45 468 денари, бруто платата пак 68.340 денари

BiznisPRO