Строги правила и јасни процедури: Министерството за енергетика започна процес за усогласување на Законот за возила со европските правила

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини стартува процес за усогласување на Законот за возила со европската регулатива ЕУ 2018/858 и современите стандарди во постапките за одобрување, увоз и надзор на возилата.

Со цел добивање јасни насоки за усогласување на Законот за возила, работниот состанок го водеше д-р Роберт Јерончиќ, реномиран експерт од Република Словенија со долгодишно искуство во развој и имплементација на европското законодавство за возила.

На состанокот учествуваа претставници од Бирото за метрологија, Царинската управа, Метролошкиот совет и повеќе релевантни институции кои се дел од постапките за одобрување, увоз и контрола на возилата.

На состанокот присуствуваше и министерката Сања Божиновска, која ја нагласи потребата од системски и доследен пристап во примената на законодавството во оваа област.

„Македонскиот закон за возила мора конечно да почне да се применува доследно и усогласено со европските правила. Време е сериозно да ги забрзаме процесите и да воспоставиме јасни, прецизни и предвидливи процедури,“ истакна министерката Божиновска. Таа додаде дека институциите веќе добиле „јасни насоки за забрзана и суштинска хармонизација со регулативата на Европската Унија“.
Целта на состанокот беше да се дефинираат конкретни чекори за конечно воспоставување усогласен, јасен и предвидлив систем, кој ќе обезбеди:
• целосно прилагодување на националното законодавство кон европската регулатива,
• современи процедури за одобрување и увоз на возила,
• построг и ефикасен надзор
• засилен институционален ред во сите фази на процесот – од документирање, до контрола.

На средбата Преку размена на практики и експертиза, беше потврдена заедничката определба за воспоставување ред, поголема транспарентност и целосно усогласување со европските стандарди. Како продолжение на денешната работа, утре ќе се одржи и специјализирана работилница на иста тема, на која ќе присуствуваат сите релевантни институции и стручни служби. Работилницата е насочена кон финализирање на техничките насоки и подготовка на конкретни измени за модернизирање на Законот за возила.

Министерството продолжува активно и системски да работи на усогласувањето со европското законодавство и зајакнувањето на институционалните механизми за контрола и надзор, со цел градење модерен, безбеден и транспарентен пазар на возила.

Можеби ќе ве интересира...

Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика

BiznisPRO

Нови цени на горивата во Македонија

BiznisPRO

УЈП со нови контроли за фискални – третина од контролираните субјекти со неправилности, 66 заработија глоби

BiznisPRO