Благодарение на одличните продажни резултати, компанијата оствари повисока профитабилност, и покрај сè уште рекордно високите цени на суровото кафе и какао, како и континуираните вложувања во вработените
Загреб, 26 февруари 2026 – Aтлантик Група во 2025 година оствари приходи од продажбата во износ од 1,19 милијарди евра, што во однос на претходната година претставува раст од 10,2 проценти. Благодарение на одличните продажни резултати, компанијата успеа да оствари повисока профитабилност, и покрај сè уште рекордно високите цени на суровото кафе и какао, како и континуираните вложувања во вработените и клучните проекти. Добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) е повисока за 9,3 проценти во однос на претходната година и изнесува 106 милиони евра, додека нето добивката порасна за 20,9 проценти и изнесува 32 милиони евра.
„И покрај предизвикувачкото опкружување, Aтлантик Група ја заврши 2025 година со одлични деловни резултати, а силниот раст на приходите од продажба е остварен во речиси сите деловни и дистрибутивни области, како и на сите клучни пазари. Оваа година ни донесе благо подобрување на нормализираната EBITDA маржа и сигнализира стабилизација на профитабилноста со тренд за кој веруваме дека ќе продолжи и во периодот што претстои. Со години наназад инвестираме во нашите брендови, луѓе, модернизација, како и во развојот на иновации и партнерства што го поддржуваат долгорочниот раст. Со вакви цврсти темели, во 2026 година влегуваме уште посилни, подготвени да продолжиме да градиме одржлив, одговорен и долгорочен раст“, истакна извршниот директор на Aтлантик Група, Емил Тедески.
Кафето, Деликатесните намази и Donat клучни двигатели на растот
Најзначителниот раст на приходите од продажба од 27,1 проценти е остварен во Стратешката деловна област (СДО) Кафе, а следуваат Деликатесните намази со раст од 10,2 проценти и Donat со раст од 9,9 проценти. Кафето воедно е и најголема поединечна категорија со удел од 26,6 проценти во вкупните приходи од продажба. Меѓу стратешките дистрибутивни области (СДО) водат Србија со раст од 19,9 проценти и Северна Македонија со раст од 14,8 проценти, а значителен раст е остварен и на пазарите во Германија и Босна и Херцеговина. Структурата на вкупната продажба се карактеризира со силна застапеност на сопствените брендови, кои сочинуваат 64,1 проценти од приходите, со 27,1 проценти удел на принципалските брендови, како и 8,8 проценти удел на аптекарското работење.
Фокус на стратешките приоритети
Годината ја одбележаа важни настани во согласност со стратешките приоритети на компанијата. Со продажбата на друштвото Montana Plus д.o.o. продолжи процесот на дезинвестирање на помалите (неосновни, non-core) деловни активности. Atlantic Droga Kolinska поднесе Обврзувачка понуда за купување на компанијата Osem д.o.o., со цел дополнително зајакнување на работењето во сегментот на деликатесни намази, а склучувањето на трансакцијата е условено со добивање одобрение од словенечката Агенција за заштита на пазарната конкуренција (AVK). Farmacia, со преземањето на аптеките Deltis Pharm од Belupo, уште еднаш го потврди статусот на водечки аптекарски синџир во Хрватска.
На Генералното собрание во јуни беа избрани три нови членови на Надзорниот одбор: Андреа Гисле Жозен (Gisle Joosen), Флоренс Жантет (Florence Jeantet) и Бранислав Бибиќ, а во септември Mojцa Домитер беше именувана за нов член на Управата на Aтлантик Групa задолжена за областа на човечки ресурси и култура. Ова проширување на Управата дополнително го зајакнува менаџерскиот тим во реализацијата на корпоративната стратегија, со свест дека луѓето и културата се клуч за успешно работење, за што сведочат и бројните признанија.
Лидер во областите на одржливост и човечки ресурси
Според истражувањето „Посакуван работодавач“, Aтлантик Групa е рангирана како петти најпосакуван работодавач во Хрватска, додека на доделувањето на наградите MojPosao.ba беше прогласена за еден од трите најдобри работодавачи во Босна и Херцеговина. Aтлантик е добитник и на сертификатот „Шампион за еднакви плати“ (Equal Pay Champion), со што е потврдена неговата посветеност на обезбедување еднаква плата за еднаква работа, како и промовирање на застапеноста на жените на управувачки позиции. Trade Академијата на Aтлантик на конференцијата HR Days доби златно признание за извонредни достигнувања на едукативната програма, а на HR конференцијата на деловниот неделник „Lider“, Aтлантик го доби сертификатот „Над и подалеку“ (Above and Beyond), кој им се доделува на компаниите со континуирано највисоки стандарди во оваа област.
Признанијата не изостанаа ниту во областа на одржливоста и корпоративното управување. На Деновите на енергетиката во Словенија, Атлантик Група ја освои првата награда во категоријата „Енергетски ефикасно претпријатие“. Во Србија, на CSR & ESG Форумот, интерниот едукативен проект „Зелен бран“ (Green wave) ја освои главната награда во категоријата „ESG комуникација на годината“. Втора година по ред Aтлантик го доби признанието AmCham Croatia & Kearney ESG за одржливо работење, а на 10-тото издание на наградата „Златна кошница“, Atlantic Cedevita беше прогласена за општествено одговорна компанија на годината. На крајот на годината, Poslovni dnevnik во соработка со Загрепската берза ѝ ја додели на Atlantic Grupa втората награда за најдобри односи со инвеститорите.
