Во последниот период граѓаните повторно се соочуваат со нов бран на поскапувања на основните прехранбени производи. Според информациите од пазарот, цените на сончогледовото масло, јајцата, како и на дел од сувомеснатите производи повторно бележат пораст, пишува Centar.mk.
Во повеќето маркети литар масло денеска чини околу 95 до 100 денари за литар.
Иако ваквите промени најчесто се резултат на повеќе фактори, овој пат како главна причина се посочува значителното поскапување на дизел горивото во Македонија (во понеделникот поскапи за 14,5 денари за литар). Горивото е еден од клучните трошоци во производството, транспортот и дистрибуцијата на храната, па секое негово покачување директно се одразува и на крајната цена на производите на полиците, пишува Centar.mk.
Производителите и дистрибутерите предупредуваат дека повисоките трошоци за транспорт, енергија и логистика создаваат сериозен притисок врз нивното работење. За да ја задржат одржливоста на производството и да избегнат финансиски загуби, дел од компаниите се принудени да направат корекција на цените.
Од друга страна, граѓаните се сè почувствителни на ваквите промени, бидејќи станува збор за производи кои се дел од секојдневната исхрана. Маслото за готвење, јајцата и сувомеснатите производи се меѓу најчесто купуваните намирници, па дури и мало покачување на цената може значително да влијае врз домашниот буџет.
Економските аналитичари посочуваат дека движењето на цените на горивата и понатаму ќе има силно влијание врз цените на храната. Доколку трошоците за енергенси продолжат да растат, можно е и во наредниот период да се појават нови корекции на цените на дел од основните производи на пазарот, пишува Centar.mk.
Сега се отвора прашањето, дали кризата во Иран, проблемот со нафтените деривати и гасот ќе ни донесе нов уште посилен бран на инфлација од оној кој го предизвикаа војната во Украин и енергетската криза која што следуваше потоа.
