Рудник САСА ја започна еко кампањата „Твојата грижа за планетата вреди х2“

По повод 18 март – Глобалниот ден на рециклирањето, Рудник САСА, во соработка со Друштвото за управување со отпад „Пакомак“ и Општина Македонска Каменица, ја започна општествено-одговорната еко кампања „Твојата грижа за планетата вреди х2“. Иницијативата е насочена кон поттикнување на рециклирањето и унапредување на еколошката свест кај вработените и локалната заедница.

Кампањата ќе трае сѐ до 22 април – Денот на планетата Земја. Во текот на овој период, за секое одложено пластично шише или лименка во некоја од трите повратни вендинг машини поставени во рудникот САСА и во Македонска Каменица, ќе се добиваат два „зелени поени“, односно двојно повеќе од досега. Собраните „зелени поени“ учесниците ќе можат да ги искористат за различни придобивки, меѓу кои за ваучери за попусти во маркети, донации и сл.

Преку оваа иницијатива, Рудник САСА има за цел дополнително да ги мотивира своите вработени и жителите на Македонска Каменица активно да учествуваат во рециклирањето, да придонесат кон намалување на пластичниот отпад и да ја заштитат животната средина.
„Заштитата на животната средина е составен дел од нашите долгорочни заложби и нашата одговорност кон заедницата во која работиме. Со кампањата Твојата грижа за планетата вреди х2 се надеваме дека на едноставен и практичен начин ќе ги поттикнеме луѓето да се вклучат во рециклирањето и ќе покажеме дека секоја иницијатива може да има значајно позитивно влијание врз природата. Веруваме дека преку вакви заеднички активности можеме да изградиме уште посилна култура на одговорно однесување кон животната средина“, изјави Марија Стојановска, раководител на Службата за заштита на животната средина.

Во изминатите години, Рудник САСА континуирано реализира слични еко иницијативи, во партнерство со локалната заедница, училиштата и граѓанските организации, со цел унапредување на еколошката свест и поттикнување на активна грижа за природата.
Кампањата „Твојата грижа за планетата вреди х2“ е дел од пошироките активности на компанијата насочени кон заштита на животната средина, одржлив развој и унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница, што претставува важен сегмент од долгорочната стратегија за одржлив развој на Рудник САСА.

Можеби ќе ве интересира...

45 години Пекабеско се одбележуваат со донација на медицинска опрема за Детската клиника

BiznisPRO

МТЕЛ станува генерален спонзор на кошаркарската Прва машка лига, продолжува партнерството со КК Работнички и КК МЗТ Скопје

BiznisPRO

ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици

BiznisPRO