Владата најави конкретно намалување на цената на течниот нафтен гас, при што според официјалните информации, од полноќ цените на плинот се намалени за околу 5 денари по литар. Портпаролката на Владата, Марија Митева, информираше дека станува збор за резултат на координирани институционални мерки и договор со трговците, со цел стабилизирање на пазарот и заштита на стандардот на граѓаните.
– Денес сакам да ја информираме јавноста за конкретен резултат од нашите мерки насочени кон заштита на стандардот на граѓаните и стабилизирање на пазарот на енергенси – намалувањето на цената на течниот нафтен гас.
Од полноќ, Макпетрол ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас односно плин за 5 денари по литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од 10 денари по килограм, што во пресметка значи приближно 5 денари по литар, изјави Марија Митева, портпаролка на Владата.
– Она што е особено значајно е дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари по литар и се движат од 53 до 54 денари.
Почитувани, ова не е уште еден изолиран чекор, туку системска реакција на пазарот која доаѓа како резултат на јасен институционален сигнал и координација.
Сакам јасно да потенцирам дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто маржите. Постигнавме согласност овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10% во трговијата на големо и за 9 до 10% во малопродажба ќе имаме намалување.
Оваа мерка дојде преку аргументирана анализа и институционално делување. Врз основа на детална анализа спроведена од Државен пазарен инспекторат, беа детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следуваа разговори со трговците и постигнување на договор за намалување на бруто маржите, рече Митева.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
