Во организација на ИСОС – Институтот на сметководители и овластени сметководители, на 6 мај 2026 година во Скопје ќе се одржи третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, под мотото: „Генерација со визија – Професија со иднина“.
Конференцијата се очекува да обедини околу 500 сметководители и овластени сметководители од земјава и регионот. Ќе учествуваат и претставници од институциите, академската заедница, деловниот сектор, како и меѓународни организации и професионални тела, вклучително и претставници на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC) и CFE Tax Advisors Europe, со цел отворање на суштински дијалог за иднината на сметководствената професија.
Програмата на годинешната конференција вклучува повеќе панел-дискусии и тематски сесии, а фокусот е ставен на трансформацијата на професијата во услови на засилена дигитализација, новите регулаторни барања и зголемена потреба од доверба и транспарентност. Посебен акцент ќе биде ставен на улогата на младите како двигатели на идните промени во професијата.
Една од новините на овој регионален собир ќе биде и Саемот за дигитализација, наменет за презентација на современи софтверски решенија и алатки за унапредување на сметководствената професија.
„Третата регионална конференција е логично продолжение на нашата стратешка определба да ја развиваме професијата во чекор со глобалните трендови, но и да ја направиме поатрактивна за младите. Денес сметководството не е само работа со бројки, тоа е професија што гради доверба, поддржува одлуки и има директно влијание врз економијата. Токму затоа, оваа година посебен фокус ставаме на новите генерации, на технологијата и на иднината на професијата“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Во рамки на конференцијата ќе биде презентиран и студентскиот проект: видео подкастот „Повеќе од само бројки“, иницијатива која произлезе од претходното издание на конференцијата и има за цел да ја доближи професијата до младите.
„Целта на подкастот ‘Повеќе од само бројки’ е да го прикаже сметководството од поинаква перспектива, како динамична и современа професија. Преку разговори со практичари и експерти, сакаме да ги разбиеме стереотипите и да покажеме дека оваа професија нуди стабилност, развој и реални кариерни можности“, истакна Моника Митреска, координаторка на студентскиот проект.
Конференцијата ќе ја отвори претседателката на ИСОС, заедно со високи претставници на Владата, со што ќе се потврди улогата и значењето на сметководствената професија за економскиот систем и општеството во целина.
Со оваа конференција ИСОС продолжува да ја зацврстува својата позиција како клучен двигател на развојот, модернизацијата и меѓународната афирмација на сметководствената професија, со јасен фокус на иднината и новите генерации.
Агендата на конференцијата е достапна на веб-страницата на ИСОС – isos.mk
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
