По пробивот на британскиот пазар, Реплек ги претстави своите капацитети и развојни планови пред амбасадорот Метју Лосон

„Реплек“ АД денеска беше домаќин на амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Северна Македонија, Н.Е. Метју Лосон, кој оствари работна посета на компанијата и се запозна со нејзините производствени капацитети, развојни планови и извозни активности.

За време на посетата, менаџерскиот тим и генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, ги презентираа резултатите од развојот на компанијата во изминатите 80 години, актуелните инвестиции во производствени капацитети, како и стратешката определба за зајакнување на присуството на високо регулираните меѓународни пазари.

Посебен акцент беше ставен на неодамнешниот пробив на британскиот пазар, откако британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA) го одобри „Реконазол (ketoconazole) 2% шампон“, првиот медицински производ на „Реплек“ регистриран во Обединетото Кралство. Дополнително, во април годинава компанијата успешно го реализираше и првиот извоз на „Реконазол“ на британскиот пазар, што претставува значаен чекор во интернационалниот развој на „Реплек“ и дополнителна потврда за усогласеноста на производствените и регулаторните процеси со највисоките меѓународни стандарди.

Генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, истакна дека британскиот пазар претставува една од најзначајните референци за секој фармацевтски производител.

„За ‘Реплек’, регистрацијата и првиот извоз на ‘Реконазол’ во Обединетото Кралство претставуваат значајна пресвртница во нашата стратегија за интернационализација. Фактот што успешно ги исполнивме строгите барања на британското регулаторно тело – MHRA претставува силна потврда за квалитетот на нашите производи, стручноста на нашите тимови и зрелоста на нашите производствени и регулаторни процеси. Посетата на амбасадорот Лосон е дополнителна потврда за важноста на ова партнерство и охрабрување за нашите понатамошни развојни планови на британскиот и на другите високо регулирани светски пазари“, изјави генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски.

Во оваа прилика, амбасадорот Лосон ги посети и дел од производствените погони на „Реплек“, каде беше запознаен со современите технолошки решенија, високите стандарди за квалитет и безбедност, како и со континуираните инвестиции во модернизација и развој на производството.

За време на средбата беа дискутирани и можностите за понатамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, како и потенцијалот за натамошно зајакнување на присуството на производите на „Реплек“ и останатите македонски компании на британскиот пазар.

„Реплек“ во континуитет инвестира во унапредување на системот за квалитет, производствените капацитети и развојот на нови производи. Компанијата неодамна по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Производите на „Реплек“ се присутни на повеќе од 25 пазари ширум светот, а извозот претставува еден од клучните двигатели на растот во рамки на новата развојна фаза „80+“.

Можеби ќе ве интересира...

Сертифицирање на 6 граѓански организации со „Ознака за доверба“

BiznisPRO

Денеска се одржа 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10км“ 1650 учесници застанаа на старната линија

BiznisPRO

АХВ спречи увоз на повеќе од 23,6 тони замрзанто пилешко месо од Бразил

BiznisPRO