Средба на гувернерот Славески со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли: независноста и транспарентноста на централната банка се клучни за одржување на стабилноста во услови на неизвесност

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари средба со заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Бо Ли, во рамките на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка во Бангкок, Тајланд. Во фокусот на разговорите беа актуелните макроекономски состојби, предизвиците од глобалното окружување и значењето на независноста, транспарентноста и кредибилитетот на централните банки за одржување на макроекономската стабилност. На средбата присуствуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во услови на продолжена геополитичка неизвесност и нестабилност на светските пазари, беше истакната важноста на внимателното водење на макроекономските политики, особено за малите и отворени економии коишто се изложени на надворешни ценовни шокови. Во овој контекст, беше нагласено дека навремените и соодветни мерки на Народната банка придонесоа за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и зајакнување на отпорноста на домашната економија. Сепак, неизвесностите поврзани со движењата на цените на енергенсите и нивните можни преносни ефекти врз домашните цени и натаму бараат внимателно следење и одлучување засновано врз податоци и стручни анализи.

Посебен акцент беше ставен на значењето на независноста на централната банка и на јасно дефинираниот законски мандат, како предуслови за доследно спроведување на монетарната политика и зачувување на ценовната стабилност. Независноста, заедно со транспарентноста, отчетноста и јасната комуникација со јавноста, придонесува за зајакнување на институционалниот кредибилитет и довербата во централната банка, како и за подобро зацврстување на инфлациските очекувања. Овие предуслови се особено важни за мала и отворена економија со стратегија на одржување стабилен девизен курс, каде што довербата во монетарните и финансиските институции има значајна улога во зачувувањето на стабилноста.

Во разговорите беше истакнато и досегашното унапредување на институционалните рамки, транспарентноста и комуникацијата на Народната банка. Во таа насока, значајна е и соработката со ММФ, вклучително и преку примената на Кодексот за транспарентност на централните банки, којшто овозможува оценување на практиките на централните банки и утврдување можности за нивно натамошно унапредување. Народната банка и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува своите капацитети и да ги унапредува практиките на транспарентност и отчетност, во согласност со највисоките меѓународни стандарди.

На средбата беше потврдена заемната определба за продолжување на успешната соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто преку советодавна поддршка, техничка помош и јакнење на институционалните капацитети, придонесува за унапредување на централнобанкарските функции и за одржување на ценовната и финансиската стабилност.

 

фото НБРМ

Можеби ќе ве интересира...

Total TV станува дел од Телеком Србија – што значи ова за постоечките корисници?

BiznisPRO

Македонски Телеком добитник на национална награда за одржлив развој за иницијативата „Нет без хејт“

BiznisPRO

Денеска се одржа 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10км“ 1650 учесници застанаа на старната линија

BiznisPRO