Искуствата од НП Триглав во поддршка на одржливиот туризам и заштитата на природата во НП Шар Планина

Студиската посета во Словенија ги поврза институциите, општините и локалните чинители околу заедничката цел: развој на туризмот што ја зачувува природата и создава придобивки за локалните заедници.

Скопје, 22 октомври 2026 година — Управувањето со посетителите, зачувувањето на биолошката разновидност и вклучувањето на локалните заедници во развојот на одржливиот туризам беа во фокусот на студиската посета на Националниот парк Триглав во Словенија, реализирана од 19 до 22 октомври.

Делегацијата ја сочинуваа претставници на општините што се наоѓаат во Националниот парк Шар Планина или граничат со него, релевантни институции и локални чинители. Посетата ја организираше Универзитет Американ Колеџ Скопје во рамките на проектот „Зачувување на биолошката разновидност, одржливо управување со земјиштето и развој на одржлив туризам во Северна Македонија“.

Во првата фаза се мапираат потенцијалите за развој на одржлив туризам во НП Шар Планина, како основа за следната фаза, во која ќе се изработува стратегија за неговиот одржлив туристички развој. Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Управата за животна средина и Секторот за природа, е главен партнер и корисник на резултатите од проектот.

Неговото учество овозможува проектните наоди и препораки да се поврзат со институционалните приоритети за заштита на природата и одржливо управување со заштитените подрачја. Во делегацијата учествуваше и претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Преку стручни презентации, разговори со управата на НП Триглав во Блед, Трента и Бохињ и теренски посети, учесниците се запознаа со пристапите за управување со паркот, зонирањето и режимите на заштита, еколошката едукација и информирањето на посетителите.

Програмата ги поврза овие теми со практични примери од Покљука, долината на Соча и Бохињ, овозможувајќи размена на искуства за нивна примена во НП Шар Планина. „Преку размена на практични искуства и долгорочна соработка, парковите можат да ги зајакнат своите капацитети за зачувување на природата, управување со посетителите и соработка со локалните заедници“, истакна во поздравниот говор Урош Брежан, директор на Националниот парк Триглав. Искра Стојанова, проектен координатор за Западен Балкан во Програмата на Обединетите нации за животна средина, УНЕП, ја нагласи потребата од прекугранично поврзување на парковите. „Прекуграничното поврзување на парковите е неопходно, бидејќи природата и предизвиците за нејзино зачувување ги надминуваат државните граници.

Со размена на знаења, усогласени пристапи и заеднички активности можеме поефикасно да го зачуваме природното наследство и да создадеме подобри услови за одржлив развој на регионот“, рече Стојанова. Фјола Халили, национален проектен координатор во УНЕП, се осврна на континуираната поддршка за Националниот парк Шар Планина. „УНЕП во Северна Македонија е присутен уште од самото формирање на Националниот парк Шар Планина и преку низа активности го поддржува развојот на неговите капацитети. Оваа посета е дел од таа поддршка и можност искуствата од Триглав да се поврзат со потребите на паркот и на локалните заедници“, изјави Халили.

Во рамките на посетата, Игор Никоски, директор на Управата за животна средина, и Сашко Јорданов, заменик-раководител на Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање, остварија разговори со управата на НП Триглав за унапредување на соработката и размената на искуства во управувањето со заштитените подрачја. Македоника Димитрова, тим-лидер, на проектниот спроведувач Универзитетот Американ Колеџ Скопје, ја нагласи поврзаноста на посетата со подготовката на идната стратегија за одржлив туризам во НП Шар Планина. „Оваа посета е од клучно значење за пренесување успешни примери од НП Триглав и за согледување како тие можат да се приспособат на условите во НП Шар Планина. Таа претставува солидна основа за следната фаза на проектот, во која ќе развиваме стратегија за одржлив развој на туризмот, заснована врз зачувувањето на природата и потенцијалите на локалните заедници“, изјави Димитрова.

Посебно внимание беше посветено на искуствата од Бохињ, каде што учесниците се запознаа со ознаката за квалитет на НП Триглав, механизмите за финансиска поддршка на локалниот развој и управувањето со одржливиот туризам. Посетата на туристичката фарма беше практичен пример за поврзување на локалното производство на храна со туристичката понуда. Алтин Идризи, проектен ккординатор од јавното претпријатие НП Шар Планина ја истакна важноста на посетата за продолжување на соработката меѓу двата парка. „Оваа посета ќе придонесе кон зајакнување на веќе воспоставените релации меѓу НП Шар Планина и НП Триглав и кон унапредување на соработката во управувањето со посетителите и зачувувањето на биолошката разновидност.

Размената на практични искуства ни помага да препознаеме решенија што можеме да ги примениме во нашиот парк“, рече Идризи. Завршниот состанок на делегацијата беше посветен на согледувањата од посетата и можностите за примена на претставените искуства во НП Шар Планина. Разменетите знаења ќе послужат како основа за натамошната работа на стратегијата за одржлив туризам и за продлабочување на соработката меѓу институциите, парковите, општините и локалните чинители.

фото University American College Skopje

Можеби ќе ве интересира...

НОВИ ПРАВИЛА ЗА АВИОНСКИОТ БАГАЖ: Што се менува за патниците од Македонија и регионот?

BiznisPRO

ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО И ДРЖАВНА ПОМОШ – Што мора да провери секој родител пред раѓањето на детето?

BiznisPRO

Доаѓа продолжен викенд, петок е неработен ден – Ова се сите празници до крајот на годинава

BiznisPRO