МДТ: Веб-страниците на Владата и министерствата навремено заштитени од критичните ранливости во PHP

Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека веб-страниците на Владата и министерствата беа навремено заштитени со преземање превентивни и технички мерки, по објавувањето на информациите за критичните безбедносни ранливости во програмскиот јазик PHP, кои предизвикаа привремено исклучување на бројни владини веб-страници низ Европа и светот.

Во рамките на превентивните активности, привремено беше блокиран надворешниот веб-сообраќај кон засегнатите системи, со цел да се спречи евентуално искористување на ранливостите. Потоа беа спроведени проверки на софтверските верзии, применети соодветни безбедносни закрпи и ажурирања и проверени функционалноста и безбедноста на веб-сервисите.

Преземените мерки се насочени кон намалување на ризикот од неовластен пристап, извршување злонамерен код и потенцијално компромитирање на веб-серверите.

Според досегашните проверки, не се утврдени индикации за успешно искористување на наведените ранливости или за компромитирање на веб-страниците на Владата и министерствата.

Министерството за дигитална трансформација, преку Секторот за сајбер-безбедност и владиниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти (МКД-ГОВ-ЦСИРТ), продолжува со засилено и континуирано следење на сајбер-заканите, анализа на безбедносните настани и лог-записите, како и проверка на потенцијалните индикатори за компромитирање.

Заштитата на владината дигитална инфраструктура останува приоритет на Министерството. Преку навремено откривање и отстранување на ранливостите и примена на соодветни безбедносни ажурирања, Министерството продолжува да ја зајакнува безбедноста на системите и да обезбедува сигурно и стабилно функционирање на електронските услуги за граѓаните и компаниите.

Можеби ќе ве интересира...

Важна информација за граѓаните кои добија повисоки сметки за струја

BiznisPRO

ЕВН Македонија го одбележа Денот на Никола Тесла

BiznisPRO

Божиновска на средба со претставници од ЕБОР: Заложбите за стабилен енергетски систем препознаени како услов за просперитет на државата

BiznisPRO