Народната банка најави три нови олеснувања за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола, со кои се проширува можноста за подигање готовина и се зголемуваат лимитите за користење платежни картички. Според информациите што ги соопшти гувернерот Трајко Славески, од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтерите во Тетово и Струмица, каде што граѓаните без платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. За клиентите од Прилеп, Ресен и Охрид ќе биде организиран автобуски превоз до филијалата во Битола, со цел полесно да ги подигнат своите пензии и социјална помош.
Од следната недела се зголемува и неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со платежните картички на банката, од досегашните 10.000 на 15.000 денари. Дополнително, сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери што пристигнуваат од институции или компании со сметки во други банки ќе можат да се повлекуваат во целост, без ограничување на износот. Од Народната банка појаснуваат дека клиентите нема потреба да отвораат сметки во други банки за да располагаат со овие приливи, бидејќи ќе можат да ги користат преку платежните картички или отворените шалтери.
Исплатите продолжуваат според утврдениот распоред, а филијалата во Битола работи во две смени и ќе биде отворена и во сабота, 7 ноември. Според соопштените податоци, во текот на денешниот ден биле услужени околу 660 клиенти во Битола. Народната банка нагласува дека „АЛТА банка“ продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Според регулаторот, банката е ликвидна и висококапитализирана, а средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со парите и имаат цел да ја зачуваат ликвидноста и да ги заштитат интересите на штедачите.
