Откупот на тутунот од годинашната реколта ќе започне на 16 ноември, пред редовниот законски рок. За откуп досега се пријавени десет компании, а процесот е предвидено да се одвива на 324 ваги низ Македонија. Производителите се подготвуваат за предавање на родот, но остануваат загрижени за висината на откупните цени и покривањето на трошоците.
Од Сојузот на тутунарски здруженија очекуваат просечната цена да се движи меѓу 440 и 450 денари за килограм, во споредба со околу 420 денари лани. Производителите бараат квалитетниот род да биде соодветно вреднуван, посочувајќи дека трошоците за гориво, работна сила и производство се зголемени.
Има разлики и во проценките за количината на произведен тутун. Тутунарите зборуваат за приближно 26 милиони килограми, а откупувачите за околу 28 милиони. Конечните цени и откупени количества ќе станат познати со почетокот и текот на сезоната.
