Собранието денеска ги усвои измените на Законот за јавните набавки, откако законското решение повторно се најде пред пратениците по одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише указот за неговото претходно прогласување.
Во повторената постапка беше отстранет спорниот член 13, кој отвори дилеми за можноста за повторно именување на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Претседателката претходно укажа дека предложената формулација може да дозволи неограничено обновување на мандатите и да создаде ризик од концентрација на влијание.
Законските измени предвидуваат промени во критериумите за избор на понуди, поголема употреба на електронски алатки и можност за примена на вештачка интелигенција при откривање неправилности. Опозицијата во текот на постапката изнесе критики за начинот на носење на законот, додека владејачкото мнозинство ги претставува измените како дел од модернизацијата на системот на јавните набавки.
