Народната банка ја започна постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во „АЛТА банка“ АД Битола. На продажба се понудени 372.742 обични акции, што претставуваат 95,336 проценти од вкупниот акционерски капитал на банката. Пакетот е во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај, а првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година.
Продажбата ќе се реализира преку Македонската берза по принципот „сè или ништо“, со почетна цена од 3.777 денари за акција. Доколку не се најде купувач на првата аукција, предвидени се нови обиди на 1, 2, 3, 4 и 7 декември, при што почетната цена на секоја следна аукција ќе биде намалена за 10 проценти во однос на претходната.
Заинтересираните инвеститори треба најдоцна до 19 ноември да поднесат барање за претходна согласност до Народната банка. Целта на постапката, според соопштението на регулаторот, е обезбедување нов сопственик и создавање услови за стабилно продолжување на работењето, со заштита на интересите на штедачите и клиентите.
