ПРОМО

Македонија напредува 16 места во индексот на ОН за дигитално управување

Во 2026 година земјата е рангирана на 68. место во светот и за првпат влегува во групата со многу високо ниво на развој на е – управување

На прес-конференција, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ги презентираше резултатите на Македонија во Индексот за развој на е-влада на Обединетите нации за 2026 година. Македонија е рангирана на 68. место во светот, што е напредок од 16 позиции во споредба со 2024 година, кога беше на 84. место.

Ова е втор најдобар пласман на земјата во серијата рангирања од 2003 година. Подобар резултат Македонија имала само во 2010 година, кога се наоѓала на 52. место. Со резултатот во 2026 година, земјата за првпат влегува во групата со многу високо ниво на развој на е-влада. Во ова издание, Македонија е една од 11-те земји што преминаа од високо во многу високо ниво и една од петте европски земји во таа група.

Оценката на Македонија се зголемила од 70 индексни поени во 2024 година на 78,4 во 2026 година. Во споредба со земјите од регионот, Македонија има најголем раст на вредноста на индексот од 2024 година — 7 индексни поени. Индексот ги оценува онлајн услугите, телекомуникациската инфраструктура и човечкиот капитал. Во сите три области Македонија има подобар резултат отколку во претходното мерење.

Оценката за онлајн услугите пораснала од 66 на 74, за телекомуникациската инфраструктура од 75 на 81, а за човечкиот капитал од 70 на 79. Подобрен е и посебниот показател за електронско учество на граѓаните, од 57 на 65, бројки изразени до максималниот износ од 100.

Во рамките на онлајн услугите, анализата бележи високи резултати кај институционалната рамка, чија оценка пораснала од 88 на 96, и кај технолошките функционалности, каде оценката се зголемила од 68 индексни поени на 100. Испораката на услуги останува област во која е потребен дополнителен напредок, особено преку воведување повеќе постапки што граѓаните и компаниите ќе можат целосно да ги завршат онлајн.

Министерот Андоновски посочи дека истражувањето на ОН има меѓународно значење затоа што со заедничка методологија го следи развојот на дигиталната влада во 194 земји и создава долгорочни податоци за напредокот и предизвиците. Македонија ќе ги користи наодите за да ги утврди приоритетите и да ги насочи следните подобрувања во јавните услуги, инфраструктурата и дигиталните вештини.

На прес-конференцијата беше истакнато дека, по исклучително позитивниот резултат во Извештајот за напредок на Македонија во делот на дигитализација и Поглавје 10, овој резултат на ОН е поттик за продолжување на реформите и унапредување на услугите. Целта е напредокот во дигиталната влада да се почувствува во секојдневното искуство на граѓаните и компаниите при користењето на услугите на институциите.

фото МДТ