ПРОМО

Државниот пазарен инспекторат со контроли кај сите 27 финансиски друштва – над 140 милиони денари треба да им бидат вратени на граѓаните

Државниот пазарен инспекторат во изминатите три месеци спроведе вонредни инспекциски надзори кај сите 27 финансиски друштва со лиценца од Министерството за финансии, кои вршат дејност на давање потрошувачки кредити на физички лица.

При надзорите, спроведени согласно Законот за заштита на потрошувачите, беа утврдени повеќе неправилности:
Кај 18 финансиски друштва се утврдени нечесни трговски практики и одредби во договорите за потрошувачки кредити, за што се изречени соодветни законски мерки и издадени прекршочни платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари.
Кај 12 финансиски друштва е утврдена незаконска наплата за известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на кредитни обврски.

Врз основа на утврдените неправилности и по обработката на документацијата, Државниот пазарен инспекторат донесе решенија со наредба за враќање на незаконски наплатените средства на потрошувачите, во вкупен износ од над 140 милиони денари. За исполнување на наредбите се определени законски рокови од 30 до 90 дена, во зависност од бројот на опфатени потрошувачи.
Со овие мерки се опфатени над 26.000 граѓани од целата држава.
Дополнително, кај две финансиски друштва се утврдени неправилности во водењето на сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии за понатамошно постапување.

Државниот пазарен инспекторат упатува апел до финансиските друштва доследно да ги почитуваат законските прописи и да обезбедат транспарентно работење, а граѓаните внимателно да ги разгледуваат условите пред склучување договори за потрошувачки кредити и да се информираат за сите трошоци и надоместоци.

Инспекторатот и во наредниот период ќе продолжи со засилени инспекциски надзори во оваа област, со цел заштита на економските интереси и законските права на потрошувачите.
Заштитата на граѓаните и создавањето фер и транспарентни пазарни услови остануваат приоритет во работењето на Државниот пазарен инспекторат.