Ангеловска-Бежоска: Извештајот на ММФ покажува висока транспарентност на Народната банка

На покана на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), гувернерката Ангеловска-Бежоска ги презентира позитивните искуства од оцената на транспарентноста на Народната банка во согласност со најновите стандарди за транспарентност на ММФ. На настанот којшто се одржа во Обединетиот виенски институт учествуваа и експерти од ММФ и од Швајцарската централна банка.

ММФ во Извештајот за оцената на транспарентноста заклучува дека: „Народната банка практикува високо ниво на транспарентност. Ова придонесува за висока доверба на јавноста во Народната банка, за одржување на нејзината независност и за ефективноста на нејзините политики.“

Осврнувајќи се подетално на состојбите во домашната економија, гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакна позитивната повратна спрега од унапредувањето на комуникацијата и транспарентноста во работењето на Народната банка, што придонесува за зголемување на ефективноста во спроведувањето на макроекономските политики, како и на кредибилитетот на институцијата.

„Народната банка посветено работи на подобрување на транспарентноста, преку сеопфатна, јасна, поедноставена и навремена комуникација, којашто е основа за градење доверба и успешно справување со предизвиците во овој кризен период. Во изминатите неколку години постојано расте бројот на соопштенија за јавноста, којшто е повисок за 30% во однос на 2018 година, а бројот на јавните настапи на раководните лица на Банката е зголемен дури повеќе од 6 пати и тие се насочени кон различни целни групи. Централно место во оваа област зазема и финансиската едукација на јавноста, за што во 2022 година е формирана и посебна дирекција во Народната банка. Бројот на активности во оваа сфера постојано расте преку организирање работилници, обуки, предавања и издавање едукативни брошури за подигнување на нивото на финансиската писменост во земјава“, истакна гувернерката.

Зајакнувањето на транспарентноста го препознаа и граѓаните, што се покажа преку анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка ужива највисока доверба кај јавноста помеѓу домашните институции во земјава, што е резултат на претпазливата монетарна политика којашто ја спроведува централната банка насочена кон задржување на стабилните инфлациски очекувања, стабилноста на девизниот курс на денарот и кон зајакнување на довербата во домашната валута. Но, довербата на јавноста се гледа и во ефективноста на спроведуваните монетарни мерки и мерките за задржување на финансиската стабилност, што редовно се бележи и во извештаите на Европската комисија, на Меѓународниот монетарен фонд и на други релевантни меѓународни финансиски институции.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка ќе продолжи со натамошно унапредување на транспарентноста, којашто е една од петте стратегиски цели и во планот на Народната банка 2025-2027 година, во согласност со насоките од мисијата за оцена на усогласеноста на практиките на Народната банка со Кодексот на транспарентност на Меѓународниот монетарен фонд.

Можеби ќе ве интересира...

Во април: Годишен раст од 9,3% на вкупните депозити и од 6,8% на вкупната кредитна поддршка

BiznisPRO

Курсна листа за 14 мај 2024

BiznisPRO

„Лего“ лани отвори 147 нови продавници: Погледнете колку пораснале приходите на оваа данска компанија

BiznisPRO