Ангеловска-Бежоска: Напорно работиме за пристапување кон СЕПА

„Посветено работиме за да ја финализираме подготовката на апликацијата за Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за регионалната новинска агенција Сињуз (SeeNews). Гувернерката посочи дека нашата земја направи голем исчекор кон членството во СЕПА, со усвојувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, како и 26 подзаконски акти донесени од централната банка и усогласени со ЕУ регулативата.

Преку интеграцијата на земјата во СЕПА, граѓаните и фирмите ќе може да вршат безготовински плаќања во евра кон земјите членки на ЕУ, како и голем број земји кои не се ЕУ членки, преку кредитни трансфери и директни задолжувања, на брз, безбеден и ефикасен начин, како и националните плаќања. Со пристапот кон СЕПА, ќе се намалат трошоците за прекуграничните трансакции, што е особено значајно за дознаките кои ги праќаат нашите граѓани од странство, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакнува дека развојот на платните системи, зголемувањето на ефикасноста и намалувањето на трошоците за прекуграничните трансакции, се во рамки на приоритетите на Народната банка, бидејќи тие ќе обезбедат повеќе благодети за домаќинствата, компаниите и ќе влијаат на поттикнување на економскиот раст. „Трансакциските трошоци за увоз и извоз се многу значајни за фирмите, како и за нашата економија во целина, имајќи предвид дека таа е многу отворена. Намалувањето на трошоците за компаниите би помогнало во целокупниот раст на економијата. За да ја постигнеме оваа цел треба да продолжиме со усогласување на нашите регулативи со СЕПА, како и подготовката на самата платежна инфраструктура“, посочува Ангеловска-Бежоска.

Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА се состои од 36 земји меѓу кои 27 ЕУ држави-членки, 3 земји од Европската економска област – ЕЕА како и 6 земји кои не се членки на ЕЕА, а на кои е проширен географскиот опсег. На почетокот на годинава шесте земји од Западен Балкан се договорија да ги намалат надоместоците за финансиските трансакции во регионот, усогласувајќи ги регулативите со оние со земјите во СЕПА.

Можеби ќе ве интересира...

ЕП ја продолжи суспензијата на царините за украинските производи

BiznisPRO

Телеком продолжува да ја гради 5G мрежата низ Македонија

BiznisPRO

Бесими: Со заштеди и прераспределби во Буџетот обезбедени 61 милион евра за справување со енергетската и ценовната криза

BiznisPRO