Ангеловска-Бежоска: Со финансиска едукација, младите имаат повеќе можности да ги остварат сопствените цели, но и да придонесат за економијата

Во рамките на „Глобалната недела на парите“, преку акцијата „Одблиску со гувернерот на Народната банка“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги отвори вратите на својот кабинет за дел од студентите на Економскиот факултет при УКИМ, кои имаа можност одблиску да се запознаат со работата и активностите на Народната банка. Гувернерката порача дека само личности кои се добро едуцирани за начинот на управување со финансиите, може да бидат независни и да придонесат кон развојот на нашата економија и општество.

На средбата, гувернерката одговори на повеќе прашања на студентите, меѓу кои и за тоа што презема Народната банка за подобрување на финансиската писменост и инклузијата на младите заради нивна подготовка за активно вклучување на пазарот на работна сила.

„Во овие тешки времиња, при неколку последователни кризи, практиката покажа дека битките се водат со знаења. Ме радува тоа што, како студенти кои го завршуваат високото образование, го гледате сопствениот развој во нашата земја. Без вас, младите, нема иднина, а вратите на Народната банка, како носечка институција во земјава, се секогаш отворени за млади кадри кои сакаат да се надградуваат, да научат, да ги прошират видиците. Народната банка настојува да регрутира млади и перспективни високообразовани кадри, со потенцијал за аналитичка и истражувачка работа и со желба за професионален напредок. Тоа за нашата институција значи вложување во иднината, и во кадровска, и во мотивациска смисла“, им порача гувернерката Ангеловска-Бежоска на студентите, заблагодарувајќи им се за интересот да се запознаат со работата на централната банка и за желбата да ги споделат нивните идеи заради градење подобра иднина во која активно ќе бидат вклучени и младите.

Гувернерката истакна дека финансиската писменост и инклузија во земјава се на слично ниво со земјите од регионот на Југоисточна Европа, сепак според глобалната база на податоци на ИНФЕ-ОЕЦД во последните години, иако има напредок, и натаму заостанува зад еврозоната. Оттаму, заложбата на Народната банка е преку повеќе активности и иницијативи до образовните инстанции, со користење современи форми на комуникација да се зајакне финансиската едукација на населението и да се заштитат потрошувачите на финансиските услуги.

По отворениот разговор со гувернерката, студентите го посетија Tрезорот на Народната банка, каде што имаа можност да се запознаат со секојдневното управување со физичката сигурност, квалитетот и обезбедувањето на потребните залихи на кованите и книжните пари во земјава, додека при посетата на Музејот на Народната банка имаа презентација на постојаната поставка и слушнаа за историјата на монетите на овие простори, како и улогата на централната банка во грижата за сопственото културно наследство.

Можеби ќе ве интересира...

Владата на седница го усвои буџетот за 2023

BiznisPRO

Денот на инвеститорите на НЛБ ги собра светските инвеститори, аналитичари, финансиски експерти и клучните бизнисмени од регионот

BiznisPRO

Оваа година втори мај е неработен, а еве кога се паѓа Велигден – Ова се сите неработни денови до крајот на годинава

BiznisPRO